Грчки медиуми: Заев ќе го закопа „Турски тек“ и ќе прифати сложено име

Одговорноста за можно откажување на Турски тек ќе падне врз Македонија и евентуалниот нов премиер, кој што ќе го напушти договорот за рускиот гас, пишува во анализата на грчкиот информативен портал “Pontos news”. Како што јавува дописникот на Нетпрес од Атина, фактот дека СДСМ во соработка со западни тајни служби стои зад дестабилизацијата на Македонија, се погласно се пласира во грчката јавност.

Во анализата се потсетува дека Вашингтон инсистира Европа да бара алтернативни извори на енергија, но и дека тоа е всушност изговор зад кој што се крие напорот на САД да ја лимитираат Москва и да се задржи гасоводот кој што минува низ Украина.

“Сите овие пораки за американското незадоволство со засегнатите земји се доволни за дестабилизацијата на Македонија со цел да се откаже рускиот гасовод. Ако Македонија не учествува и со оглед на тоа што ни Бугарија нема да учествува, гасоводот може да стигне само до Грција ако Атина успее да му се спротистави на американскиот притисок. Дури можеби нема да има потреба грчката влада да не ги задоволи Американците. Дестабилизацијата на владата на Груевски почна и доколку лидерот на опозицијата Зоран Заев дојде на власт, ќе дојде само со американска поддршка. Исто како и Јоргос Папандреу, негова прва изјава ќе биде откажувањето на учеството на земјата во рускиот гасовод”, стои во текстот.

Во анализата се потврдува и дека зад нелегално сниманите разговори стојат странски служби.
“Невозможно е опозицијата од Скопје да има техничка способност да ги следи телефонските разговори на премиерот. Затоа, се претпоставува дека ова е сработено од страна на силни тајни служби”, пишува во анализата.

Во однос на терористичкиот напад во кој што загинаа 9 мина припадници на безбедносните сили, авторот на анализата го отфрла сценариото пласирано од опозицијата и соросовите платеници дека нападот го организирала Владата, а како најверодостојна верзија се наведува дека албанските терористи биле организирани од надворешни агенти со цел да му се прати порака на Груевски да се откаже од власта.

“Наследник на Груевски ќе биде Заев, лидерот на социјал демократската опозиција и тој ќе биде личноста што ќе го закопа рускиот гасовод, ќе прифати сложено име и ќе даде решенија во однос на Албанците во Скопје”, пишува “Pontos news”.

Нередите во Скопје може да се поврзат со проектот со гасоводот Турски тек, објавува весникот “Прототема” цитирајќи изјава на аналитичарот Марко Гаститс дадена за руската телевизија “Russia Today”. Весникот ја објавува и анализата на рускиот весник “Известија”, според која што американскиот амбасадор Џес Бејли, пред доаѓањето во Македонија, за време на мандатот во Турција, имаше неуспешен обид да предизвика обоена револуција, преку координирање на протестите на плоштадот Таксим. Според “Известија”, Бејли сега се обидува да организира “Таксим” во Скопје и за оваа цел се дадени сериозни финансиски средства на структурите познати како Сорос фондација.