Грчки печат: Речиси е сигурно дека ВМРО- ДПМНЕ ќе победи на предвремените парламентарни избори

На предвремените парламентарни избори ќе победи ВМРО- ДПМНЕ , а на претседателските Ѓорге Иванов  – ова се прогнозите што деновиве може да се прочитаат низ грчките медиуми во однос на претстојните двојни избори во Македонија. Како што јавува дописникот на Нетпрес од Атина, за случувањата во Македонија со денови се информира и анализира во грчкиот печат.
„Речиси е сигурно дека ВМРО- ДПМНЕ и ДУИ ќе победат на предвремените парламентарни избори, во македонскиот и во албанскиот политички блок ”, се вели во текстот на државната новинска агенција објавен во Етнос, Капитал, Прототема и др.
Слични прогнози и за исходот од претседателските избори неодамна објави весникот Та неа.
„Во следните денови се очекува и најголемата опозициска партија СДСМ да го објави својот кандидат за претседателските избори. Но сепак, според политичките аналитичари, независно од тоа кој ќе биде опозицискиот кандидат ќе биде премногу тешко да го победи Иванов или кој било друг кандидат од партијата на премиерот Никола Груeвски”, се вели во текстот на весникот.
Иако грчките медиуми типуваат на ВМРО ДПМНЕ, се чини дека сепак навиваат за СДСМ и коалициските партнери, со оглед на вниманието и задоволството со кое што ги проследуваат нивните јавно искажани ставови за проблемот што Атина го има со нашето уставно име.