Грчките медиуми за настаните во Куманово

„Осуммина полицајци загинаа во Куманово“, „Албанските националисти пролеаја крв во Куманово“, „Крвави судири во Куманово“, се само некои од насловите во грчките медиуми кои изминативе два дена постојано известуваат за случувањата во Македонија, пренесува МИА.

Во Грција коректно се пренесуваат и изјавите на премиерот Груевски, официјални информации од македонското МВР, како и прес конференциите на министерката Јанкуловска и портпаролот на МВР Котевски.

Повеќето информации се од државната новинска агенција АНА-МПА, која редовно известува и за реакциите на ЕУ, НАТО и сите останати меѓународни организации.

Засега нема официјална реакција од грчките власти, а без одговор остана и барањето на МИА до грчкото МНР за коментар на случувањата во нашата земја.

Грчките медиуми воглавно не изнесуваат свои теории за причините на судирите во Куманово.

„Елефтерос Типос“  е еден од ретките грчки весници кој избегнувајќи да коментира, сепак „потсетува на неколку факти кои треба да се имаат предвид“.

„Со оглед на последните изјави во Тирана и Косово во корист на ‘Голема Албанија’, ЕУ ја изрази својата длабока загриженост и побара да се избегне ескалација на насилството во регионот. Покрај тоа, американската Амбасада во Скопје изрази жалење за ‘загинатите полицајци и граѓани“, пишува весникот додавајќи оти „властите во Скопје не потврдија дека има загинати цивили“.

„Елефтерос Типос“  исто така „потсетува“ и дека „од територијата на Македонија и Србија се планира да помине рускиот гасовод Турски тек, на кој Американците силно се противат“, а на крајот го пренесува и повикот на генералниот секретар НАТО, Јенс Столтенберг за воздржаност од сите страни, и неговото брање „фактите целосно да се испитаат“.