Грчки печат: На изборите повторно ќе доминира „националистичката“ ВМРО-ДПМНЕ на Груевски

платформа

Во пресрет на предвремените парламентарни избори во Македонија, во грчката јавност и натаму се изразува незадоволство поради очекувањата дека владеачката ВМРО-ДПМНЕ ќе оствари удобна победа и нема да ги смени позициите околу името, јавува дописникот на Нетпрес од Атина.

Безбедносни извори за весникот Демократија најавуваат дека по изборите во Македонија се очекува притисок од Вашингтон и Берлин за решение за името, но и дека поради тоа што во Атина нема јасна позиција, сигурно е дека Скопје ќе оставарува континуирани победи.

Безбедносни извори велат дека Вашингтон и Берлин нема да притиснат за името пред изборите во ПЈРМ во јуни, но непредвидливо е што ќе се случува по (најверојатната) нова доминација на националистичката ВМРО на Груевски, пишува весникот Демократија.

Според истите извори, летово во посета на регионот се очекува да пристигне и медијаторот за името Метју Нимиц, но бидејќи неговите нови идеи не будат надеж, се повеќе се размислува за префрлање на прашањето од ОН во Вашингтон и Берлин. Весникот пишува дека непопусливоста на премиерот Груевски во однос на грчкото барање за сложено име за вкупна употреба, дополнително зајакна по поресудата во Хаг во корист на Македонија.

Во септември 2007 ма, владата на Караманлис ја промени одлуката од 1992 ра со нова линија за сложено име со географска одредница за вкупна употреба. Премиерот Никола Груевски одговори со преименување на скопскиот аеродром во Александар Велики и со конструкција на антички грчки статуи. Непопусливоста се зајакна по пресудата против Грција во Хаг во 2011, благодарение на грешките на Папандреу, Друцас и амбасадорот Савидис, стои во текстот.

И во неодамнешниот извештај на грчката-државна новинска агенција АНА-МПА за Отчетот на владеачката партија, реафирмацијата на ставовите за името и референдумот од страна на шефот на дипломатијата Никола Попоски беше оценета како “повторување на непопустливите тези”.