Македонија

Груевски: 107 нови вагони се пристигнати, се очекуваат уште 43 други

Груевски: 107 нови вагони се пристигнати, се очекуваат уште 43 други

Пристигнати се 107 од планираните 150 товарни вагони за возниот парк на Македонски железници, инвестиција во вкупна вредност од 14 милиони евра, информираше денеска премиерот Никола Груевски.

– Проектот за набавка на нови 150 товарни вагони е во длабока фаза на реализација. Веќе 107 вагони пристигнаа во Македонија, 43 треба да пристигнат во наредните неколку месеци со што ќе се заокружи проектот во којшто инвестираме 14 милиони евра, изјави Груевски, по пуштањето во употреба на спортска сала во ОУ „Гоце Делчев“ во село Љубанци.

Обновата на возниот парк на Македонски железници со нови вагони, потенцира премиерот, ќе значи многу за државата и за приватниот сектор.

Планираните композиции за патничкиот сообраќај, најави претседателот на Владата, треба да пристигнат кон средината на годинава, односно од јули до јануари следната година.

-Тоа е исто така вредна инвестиција во износ од над 25 милиони евра. Се заедно тоа е крупна инвестиција во железничкиот сообраќај, најкрупна во делот на набавка на вагони досега во историјата на Македонија. Во железничкиот сектор сме имале многу инвестиции, но оваа е најкрупна во делот на набавка на вагони споредено со кое било друго време, рече Груевски.

Според него, обновата на возниот парк ќе биде на задоволство и на компаниите, но и на граѓаните затоа што околу две третини од сегашните возови за патнички сообраќај ќе бидат заменети со претстојната набавка.

Груевски се надева дека по обновата на возниот парк на Македонски железници со нови патнички композиции повеќе граѓани ќе го користат железничкиот сообраќај за превоз бидејќи ќе има многу подобри услови по примерот на набавката на новите автобуси.

Според плановите на Владата по претстојната набавка на две третини нови вагони за патничкиот сообраќај во 2017 година ќе се обноват и останатите со што во 2018 биде обновен комплетно возниот парк.