
При денешната посета на општина Аеродром премиерот Никола Груевски оствари средба со граѓаните во присуство на министри, директори, градоначалникот на град Скопје, Коце Трајановски, како и градоначалникот на општината, Ивица Коневски.
Тој директно од нив слушна за проблемите со кои граѓаните се соочуваат со цел да се помогне во нивно брзо решавање.
Поставување камен – темелник на локалитетот Црква УЕ Б
Груевски во Горно Лисиче присуствуваше на поставување на камен темелник за изградба на комплетна инфраструктура (комунална, фекална, атмосферска, водоводна, осветлување и паркиралиште) на локалитетот Црква УЕ Б, на улица „Руди Чајевец“.
Жителите на Горно Лисиче ја истакнаа благодарноста за изградбата на водоводната и канализационата мрежа, како и за и градежните зафати кои сега се превземаат. Беше договорено оваа година да се проектира, а следната година да се гради и друга улица.
Градба на училиштето Димитар Македонски
Во врска со барањето на граѓаните за училиште во овој дел на Аеродром, премиерот Груевски рече дека е запознаен со проблемот за кој разговарале и со заменик министерот за образование и наука Спиро Ристовски и граѓаните беа информирани дека наредната година ќе се отпочне со изработка на проект, по што до крај на 2016 година да се започне со градба на училиштето „Димитар Македонски“.
Граѓаните од Горно Лисиче на средбите со премиерот изразија благодарност за инвестициите кои се реализираат во оваа населба и посочија за проблемот со каналот кој и покрај тоа што лани бил чистен, сепак има проблем, за што беше договорено градоначалникот на Скопје Коце Трајановски да земе обврска за чистење на истиот и постојан надзор во работата.
Увид на екипи на Водовод во Горно Лисиче
Во однос на поплаките на одредени жители за проблеми со водоснабдувањето во повисоките реони од Горно Лисиче, беше договорено екипи од „Водовод“ веднаш да извршат увид на лице место и да се превземат потребните мерки во интерес на граѓаните.
При посетата на Долно Лисиче, на барање на жителите на ова населено место за поинтензивно сообраќање на автобуската линија со број 33 беше договорен состанок во понеделник со претставници на жителите и ЈСП.
Низа проекти во Долно Лисиче
За улиците 1 и 2 во Долно Лисиче беше договорено наредната година да започне реализацијата на изградба на канализација, како и санација на училиштата. Во понеделник е договорен состанок со градоначалникот Коневски за усогласување на пресметката за комуналии која ја плаќаат граѓаните.
На крајот од посетата, премиерот Груевски посети и земјоделско семејство во Долно Лисиче кое е корисник на средства од Владата, поддршка преку субвенции и преку земјоделска механизација. Тие ја искажаа својата огромна благодарност за сите мерки кои им помогнаа да започнат со земјоделство, професија која ќе ја пренесат и на своите деца.