Груевски прецизно ги образложи економските резултати на Македонија

Премиерот и претседател на ВМРО – ДПМНЕ Никола Груевски прецизно со бројки и факти ги образложи економските резултати на 15. Годишна конференција на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ што денеска се одржа во Универзалната сала во Скопје.

Република Македонија лани имаше трет највисок раст на бруто домашниот производ на економијата во Европа, а трендот на раст на економската активност, според Груевски, продолжи и годинава, но со повисок интензитет.

– Во првиот квартал од годинава економскиот раст изнесуваше 3,5 проценти, а во вториот достигна 4,3 отсто, со што просечниот раст во првата половина од годината изнесува 3,9 проценти, односно второ највисоко остварување во Европа. Лани трето, а првата половина од оваа година второ највисоко во Европа, по Англија, подвлече Груевски.

Позитивни стапки на раст, нагласи премиерот, се забележани во сите сектори.

– Извозот имаше најголем придонес, а позитивни движења забележаа и бруто инвестициите од 5,9 и потрошувачката 3,1 отсто. Растот на инвестициите е од инфраструктурните проекти на јавниот сектор и новоотворените производни капацитети во слободните економски зони. Ова се рефлектираше и на растот на градежната активност, која во втората половина од 2014 година изнесуваше 5,6 проценти. Растот на извозот на стоки во првите девет месеци изнесува 16,2 отсто, што е енормно висок раст, рече Груевски.

Со промена на структурата на извозот кон производи со повисока технолошка вредност, се поголем дел од нашиот извоз е со поголема технолошка вредност, што се должи на производството и извозот од капацитетите во ТИР зони. Само извозот од овие зони во првите 10 месеци постигна речиси 1 милијарда 943 милиони евра, што претставува раст од 55,6 проценти споредено со истиот период лани, кој сочинува над 30 проценти до целокупниот извоз на Република Македонија. Голем дел од капацитетите од индустриските зони, додаде Груевски, се уште не го достигнале нивниот целосен капацитет на производство, а во тек се инвестиции за отворање нови капацитети, фабрики и работни места.

Деновиве, потсети тој, беше објавено дека извозот само од ТИР зоните надмина една милијарда евра.

– Тоа е неверојатно брз сет на раст на извозот од овие економски зони, за кои нашиот политички противник се потсмеваше на почетокот во 2006 година. По доаѓањето на ВМРО – ДПМНЕ, по спроведувањето на реформите, но и на новиот економски процес, не постоеја ниту фабрики во зоните, ниту извоз од тие зони, ниту работи места. Како што ја немаше ниту таа дополнителна една милијарда евра извоз од тие развојни зони. Тоа се бројките, тоа се резултатите, нагласи Груевски.

Индустриското производство, посочи тој,  континуирано расте 14 месеци по ред, без прекин. – Во првите 10 месеци од годината забележа раст од 5,1 отсто, како резултат на растот на преработувачката индустрија од 10,4. Покрај растот во традиционалните сектори, како што се производството на облека 6,1 отсто, текстилот 9,2, прехранбените производи 5,7, тутунот 6,2, висок раст се забележува и во производството на електричната опрема 29,3 проценти, машини и уреди 22,7…, истакна премиерот.

Девизните резерви на крајот на октомври 2014 година изнесуваа 2 милијарди 429 милиони евра, што претставува раст од 22 проценти споредено со состојбата на крајот на 2013 година.

Позитивните движења во реалниот сектор, според Груевски, резултираа и кај пазарот на работна сила, односно вработувањето.

– Стапката на невработеност во првиот квартал годинава се намали на 28,2 отсто или за дополнителни 0,6 проценти споредено со првиот квартал од лани. Бројот на вработени само во првата половина од 2014 година е зголемен за над 13.000 лица, односно за 2 отсто споредено со истиот период лани. Бројот на вработени во индустријата во првите 9 месеци од годината забележа раст од 7,7 отсто. Зголемената вработеност е резултат на отворањето нови производни капацитети и спроведувањето активни мерки за вработување на Владата во овој период, појасни Груевски.

Потсети дека во 2006 година невработеноста беше 38 отсто, а сега е 28, во период во кој следеа светската и европската криза, кога бројот на невработеноста во сите европски земји растеше во Македонија се намали за 10 проценти.

Според него, со државен долг од 38,9 отсто, а јавниот долг 46,2 проценти од БДП Македонија и натаму останува умерено задолжена земја, процент кој е далеку понизок од нивото на Европска унија.

– Двете најреномирани кредитни агенции „Фич“ и „Стандард и плус“ неодамна го потврдија стабилниот кредитен рејтинг на земјава, кој пред се е резултат на високиот економски раст и проекциите за следниот период, стабилноста на фискалниот сектор, јавните финансии, валутата, високото ниво на капитални инвестиции, добрата бизнис клима и стабилноста на финансискиот систем. Зголемената економска активност е поддржана и преку растот на кредитирањето, кој во октомври годинава изнесуваше 9,7 проценти на годишна основа, истакна Груевски.

Растот на кредитите, додаде, беше придружен и со раст на депозитниот потенцијал, кој во октомври изнесуваше 8,5 отсто на годишна основа.

– Позитивните движења се очекува да се задржат и до крајот на 2014 година, кога според официјалните проекции се очекува стапката на раст на БДП да е меѓу 3,5 и 3,7 проценти. Прогнозите за раст се потврдени и од меѓународните финансиски институции и за следната година кога се очекува раст од 4 проценти, што го потврдија ММФ, Светската и Европската банка за обнова и развој и Европската комисија, која за годинава потврди дека Македонија ќе има втор највисок раст, истакна Груевски.