Хамбургер мора да се вади против Баерн (М)

Претпоследното коло од актуелната сезона во германската Бундес лига сигурно ќе помине во знакот на дуелот помеѓу екипите Хамбургер и Баерн (М).

Домаќинот нема друга опција на располагање освен да слави во дуелот со старо-новиот шампион на Германија затоа што само така ќе ја зачува 16. позиција на првенствената табела која гарантира дополнителни бараж натпревари за опстанок во елитното друштво.

Фудбалерите на Баерн (М) ќе пробаат со победа да се рехабилитираат од непријатната елиминација во полуфиналната рунда од Лигата на шампиони, но предводникот на баварскиот гигант Пеп Гвардиола сигурно ќе одмори неколку стандардни првотимци и ќе им даде шанса на тие кои имаа помала минутажа во актуелната сезона.

Големо внимание ќе привлечат и дуелите за четвратата позиција на првенствената табела која гарантира настап во последното квалификациско коло од Лигата на шампиони.

Моментално, во најдобра позиција се фудбалерите на Баер од Леверкузен кои имаат обврска да забележат триумф на секогаш незгодното гостување во Франкфурт.

Без право на кикс се и фудбалерите на Волфсбург кои имаат далеку потешка задача, играат против тимот на Штутгарт кој пак грчевито се бори за опстанок во елитното друштво.

Денеска на програмата: Борусија Д. – Хофенхајм, Борусија М. – Мајнц, Брауншвајг – Аугсбург, Ајнтрахт Ф. – Леверкузен, Штутгарт – Волфсбург, Хамбургер – Баерн М., Фрајбург – Шалке, Нирнберг – Хановер, Вердер – Херта.