Кардиологија ќе добие хибридна сала за комплетен третман на пациентите

Формирање на хибридна сала во рамки на Универзитетската клиника за државна кардиохирургија е една од новите мерки во здравството кои денес ги промовираше претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски.

Тој истакна дека ова е значајна инвестиција во нова опрема, која ќе биде единствен од ваков тип во поширокиот регион на Југоисточна Европа, сè до Будимпешта каде неодамна се отвори ваква сала.

-Целта е со формирањето на ваква сала да овозможиме комплетен третман на пациентите. На пример, кај некои пациенти е потребно да се примени и кардихируршки зафат и одредена процедура од интервентна кардиологија, што значи наместо како досега да се упатува пациентот од една на друга клиника, ќе биде комплетно третиран во хибридната сала, што ќе значи олеснување и за медицинскиот кадар и пред сè за пациентите. Во иднина, оваа сала би можела да се користи и од други специјалности, кои исто така бараат еден посложен и покомплексен пристап во третманот, како на пример неврохирургијата. Хибридната сала ќе даде високо софистицирани можности за работа и комплицирани оперативни зафати, истакна Груевски.

Тој додаде дека побрзото закрепнување на пациентите по третман во хибридната сала, истовремено значи и помал број на болнички денови.

-Намалувањето на бројот на болнички денови е значаен бенефит и за пациентот како работоспособен кадар кој побрзо ќе се врати на секојдневниот начин на живот, а воедно значи и заштеда за здравствениот систем, со што овие средства може да се пренаменат за други инвестиции во здравството. На пример, кај одредени интервенции во ваков тип на сала, пациентот по само неколку часа од интервенцијата веќе е подвижен и активен, а за неколку дена веќе може да биде пуштен дома. Значајно е што оваа сала овозможува комбиниран пристап од страна на медицинскиот тим, при што може во еден дел пациентот да се реши со мал хируршки рез, а во друг дел да се стави стент.  Во хибридна сала може да се третираат и исклучително тешки случаи, како на пример случај на раслојување на аортата, кој во светски рамки се оперира со 40% смртност, а во хибридните сали како најсовремен дострел на кардиохирургијата се оперираат со најниска смртност од само 1%, објасни Груевски кој додаде дека инвестицијата е околу 2 милиони евра.