Хрватска е најлошата економија во ЕУ-тврди „Фајненшл Тајмс“!

Хрватска ја наследи Грција на неславното место на најнефункционална економија во Европската унија, објави „Фајненшел тајмс“. За ова придонела општата слабост на европската економија, но и инертноста на хрватската Влада во спроведувањето на реформите, а за да се извлече од оваа ситуација на земјата ќе и биде неопходно ефикасно повлекување на средства од фондовите на ЕУ, проценува угледниот весник.

„Бавното и болно заздравување на грчката економија по катастрофалната должничка криза поттикна едно интересно прашање: која земја сега ја зема титулата на најнефункционална во Европската унија? Одговорот секако е Хрватска. Тоа е мала земја, која дури минатата година влезе во ЕУ и не е во еврозоната. На нејзините прекрасни острови и плажи животот се чини удобен, па затоа Хрватска и нејзините економски проблеми остануваат ’надвор од досегот на радарот’“, се наведува во текстот.

Притоа се потсетува дека Хрватска веќе шеста година по ред е во рецесија и оти за тоа време загуби речиси 13% од својот БДП. Невработеноста во земјата изнесува околу 17%, а кај младите дури над 50%.

„Тоа е социјална катастрофа која не се разликува многу од она што во последните пет години се случуваше во Грција и Шпанија. Хрватска, како и Грција, има неефикасен јавен сектор, кој задржува луѓе на работни места кои очигледно не служат на јавниот интерес и всушност само го прикриваат вистинското ниво на невработеност. Овој проблем уште повеќе се зголемува заради недостигот на компании во приватниот сектор кои можат да создаваат работни места и успешно да се натпреваруваат на европските пазари“, додава „Фајненшел тајмс“