Хрватска тврди дека не испраќала платеници во Украина

Хрватска не испраќала свои граѓани во Украина за учество во борбените дејствија во источниот дел на земјата, соопшти денеска хрватското Министерство за надворешни работи и европски прашања, пренесува МИА.

Во соопштението, како што јави Хина, се нагласува дека државата на ниту еден начин не ги поддржува доброволците, кои војуваат во Украина и оти нивното заминување на воените боишта нема никаква врска со државните институции.

– Што се однесува до хрватските државјани, кои заминале да војуваат во Украина станува збор за тоа дека ние едноставно ги констатиравме тие факти и ја следиме ситуацијата. Факт е дека на украинските воени полиња има хрватски државјани, конкретно има осум, но нивното заминување не е поврзано со која било државна институција и државните институции не го поддржуваат тоа, се додава во сооштението.

Министерството упати апел до Хрватските и другите странски борци да се вратат во своите земји, со цел да се овоможи имплементирање на договорот од Минск.

Реакцијата на Загреб е одговор на загриженоста која ја изрази руското Министерство за надворешни работи во врска со изјавата на шефот на хрватската дипломатија Весна Пусиќ, која потврди дека хрватски доброволци учествуват во конфликтот во источна Украина на страната на силите на Киев.