И Париз со своја кандитатура за домаќин на ОИ 2024

Избраните претставници на главниот француски град Париз, со големо мнозинство го прифатија предлогот со кој на францускиот метропола ќе се вклучи во трката за домаќин на Олимписките и Параолимписките игри во 2024 година.

“Отсега натаму ние сме ангажирани во олимписката авантура”, рече градоначалникот на Париз, Ана Хидалго, додавајќи дека наскоро ќе биде поднесена и официјалната кандидатура од страна на Олимписки комитет на Франција.

Според резултатите од неодамнешна анкета на јавното мислење, 61 % од Французите се изјасниле позитивно за кандидатурата на Париз, додека на иста анкета во 2005 година, во месец февруари дури 71 % од испитаниците биле за, а јуни истата година процентот на поддржувачи бил 87 %.

Париз досега два пати беше домаќин на ЛОИ во 1900 и 1924 година, а имаше и три неуспешни кандидатури: 1992 година кога домаќин беше Барселона, 2000 година кога Сиднеј ја доби организацијата и за ЛОИ 2012 година кои беа одржани во Лондон.

Рокот за пријава на кандидат е до 15 септември годинава, а досега кандидатура најавија, американскиот град Бостон, италијанската престолнина Рим, и двата германски града Хамбург и Берлин. Интерес пројави и Истанбул, а според одредени најави на медиумите свој кандидат ќе има и Јужна Африка.

Кој ќе биде домаќин на ЛОИ 2024 година ќе се решава на седницата на Собранието на Меѓународниот олимписки комитет кое ќе се одржи во текот на летото 2017 година во Лима.