Илјадници Французи протестираа против крајната десница, фудбалските репрезентативци шокирани од нејзиниот подем

Илјадници луѓе протестираа во Париз и во градовите низ Франција во саботата против партијата Национален собир (RN), партија од крајната десница, пред претстојните парламентарни избори во Франција.

Францускиот претседател Емануел Макрон повика на предвремени избори по поразот на неговата партија на изборите за Европскиот парламент минатата недела. Француските гласачи од 30 јуни до 7 јули ќе излезат на гласање за да изберат нов парламент. Партијата на Макрон доби нешто помалку од 15 отсто, во споредба со повеќе од 31 отсто за десничарската партија Национален собир.

Во Париз, каде што полицијата соопшти дека излегоа 75.000 луѓе, протестниот марш започна во 14 часот низ централните делови на градот. Според синдикатот CGT, на кој се повикува телевизијата BFMTV, во Париз учествувале 250.000 демонстранти, а во целата земја вкупно 640.000. Полицијата соопшти дека уапсила седум лица во Париз и проценува дека имало 217.000 демонстранти низ цела Франција.

Сесилија Лормо, 34-годишна наставничка која вели дека планира да гласа за Народниот фронт, сојуз на левичарски партии, рече: „Важно е да покажеме дека сме мобилизирани и дека Националниот собир не е мнозинството граѓани“.

На неколку протестни маршеви дошло до судири меѓу демонстрантите и полицијата и, според пишувањата на медиумите, причинета е материјална штета. Демонстрации се планирани и за недела.

„Или е крајната десница или сме ние“, вели Матилда Пано, лидер на парламентарната група на француската левица, која ги предводеше протестите во Париз пред парламентарните избори.

Претседателот Емануел Макрон свика предвремени парламентарни избори да се одржат во два круга на 30 јуни и 7 јули, откако Националниот собир тешко го порази неговиот центристички сојуз Преродба на гласањето за Европскиот парламент минатата недела.

Првата серија на анкети на јавното мислење предвидуваше дека Навионалниот собир може да победи на изборите и да биде во позиција да ја формира следната влада.

Анкетата на OpinionWay-Vae Solis, спроведена за Les Echos и Radio Classique, објавена во саботата, предвидува дека Националниот собир ќе води во првиот круг од парламентарните избори со 33 отсто од гласовите, пред Народниот фронт со 25 отсто. Центристичкиот табор на Макрон во моментов има поддршка од 20 отсто.

Уште најмалку две анкети покажуваат дека левицата не заостанува многу зад Националниот собир и е пред партијата на Макрон.

Француските фудбалски репрезентативци и стручниот штаб, кои најверојатно сè уште ќе бидат во Германија за ЕП 2024 кога нивната земја ќе излезе на избори подоцна овој месец, се согласија да гласаат со полномошник на парламентарните избори, при што некои изразија загриженост за промената на земјата надесно.

Групната фаза за Франција со дуелите со Австрија, Холандија и Полска ќе биде завршена до 30 јуни. Но, „Триколорите“ се сметаат за фаворити за пласман во нокаут-фазата, а многумина предвидуваат дека тимот ќе го освои Евро 2024, а финалето во Берлин е закажано за 14 јули.

Дневниот весник Le Parisien објави дека речиси 40 членови на францускиот тим и помошниот персонал сакаат да го искористат своето право да назначат полномошник, како што е член на семејството, да гласа за нив на избирачкото место.

Некои, од вклучително и Маркус Турам од Интер, изразија загриженост за актуелната политичка клима во Франција. Турам дознал за резултатот од европските избори по пријателскиот натпревар на Франција против Канада, како што рече на прес-конференција во Падерборн во саботата.

„Сите бевме малку шокирани во соблекувалната. Ситуацијата во Франција е тажна, сериозна е“, рече Турам кој инаку мал дел од животот го мина во Франција, и поради кариерата на неговиот татко, исто така, француски репрезентативец.

Крилниот напаѓач на Пари Сен Жермен, Усман Дембеле, исто така, ја истакна важноста на гласањето. Тој рече дека прочитал дека секој втор Французин не гласал на европските избори. „Мораме да ги мобилизираме да гласаат“, рече тој.

Ветеранот Оливие Жиру упати слична порака, велејќи: „Ако треба да му дадам еден совет на Французите, тоа би било да гласаат. Стапката на воздржаност од речиси 50 отсто не е нормална“, рече тој.

Според податоците на Европскиот парламент, гласале 51,5 отсто од граѓаните со право на глас во Франција.