„Индипендент“: Заразено месо од лилјак е причина за еболата?!

Актуелната епидемија од ебола почнала од заразено месо од лилјак, уловен како дивеч во Африка, пишува британскиот весник „Индипендент“.

Весникот наведува дека во декември 2013 година двегодишно дете од село во југоисточниот дел на Гвинеја било првата жртва на болеста, откако се заразило со ебола од лилјак, што бил уловен од членови на неговото семејство, а чие месо било употребено за исхрана.

Во Африка е широко распространета трговијата со месо од диви животни, вклучувајќи и различни видови мајмуни и лилјаци. Се смета дека оваа трговија, особено фаќањето и убивањето заразени животни, била причина и за другите епидемии на ебола во минатото.

Според Светската здравствена организација, лилјаците од семејството Pteropodidae се природен пренесувач на вирусот на еболата.

Сериозноста на актуелната епидемија, која предизвика смрт на илјадници луѓе и стигна до различни делови од светот, доведе до повици за забрана за ловење, продажба и јадење на месо од диви животни.

Но, одлуката не е толку едноставна, затоа што при евентуална забрана, оваа дејност, чиј размери се огромни, веројатно ќе продолжи да се изведува, само што овој пат тоа ќе биде илегална.

Според Центарот за меѓународни истражувања на шумите, секоја година во басенот на Конго во Африка, се јадат пет милиони тони месо од диви животни.

Истражувачите, кои анкетирале жители на Гана, утврдиле дела повеќето локални жители не се запознати со опасностите, кои ги крие ловењето и јадењето месо од диви животни. Затоа научниците сметаат дека треба да се вложат напори за образование на луѓето, кои се занимаваат со оваа дејност, наведува „Индипендент“.