Без реклама на Интернет, како да не постоите како компанија

Мобилната технолошка револуција е започната и компаниите треба да фатат чекор со истата доколку сакаат да бидат конкурентни, подобро да се позиционираат на пазарот и да ги продадат своите производи надвор. Развојот и следењето на новите алатки на современиот маркетинг на интернет е од огромно значење за извозно ориентираните компании. Идејата, добриот бизнис план, креативниот маркетинг и инвестициите во интернетот се клучни за успех во современиот свет.

Промените кои се случуваат во технологијата, а која во моментов доживува револуција, треба да бидат следени од страна на компаниите, во спротива може да изгубат чекор со времето и да се случи крах на бизнисот. Бројот на луѓето кои бараат инфромации на интернет пред било што да се одлучат да купат, е се поголем. На пример, пред да се одлучат да направат резервација за патување, луѓето најчесто прават 22 проверки.

„Грижата на менаџерите се однесува на технолошките фактори кои влијаат на развојот на компаниите.Маркетингот заедно со технолошките иновации во една компанија се она кон кое што таа треба да се стреми.Е-извозот (е-commerce) од една во друга земја во 2013 година е 25 милијарди долари, а во 2020 година се проценува дека ќе изнесува 130 милијарди долари,“ изјави Дарко Дујиќ директор за развој на Гугл адриатик.Според него Интернетот е главен извор за би-ту би работи меѓу компаниите.

„На Интернет постојат 30 милиони пребарувања за органска и природна храна, производи за диета, фармацевски и медицински препарати.Тоа треба да се искористи за да се пласира прозводот.Од локален шампион да се постане глобален мајстор,“ додаде Дујиќ.

На Гугл постојат голем број алатки кои компаниите можат да ги искористат за да дојдат до посакуваната информација која може да им го олесни пристапот до неосвоени пазари, да дознаат за конкуренцијата и да понудат подобро.

„Рекламата на Фејсбук не треба да биде како билборд поставен среде шума, туку потребно е да се пронајде вистинската целна публика кон која е наменет производот. А, за да се постигне тоа потребно е да се познава производот, за кого е наменет и кои решенија на проблемот ги нуди.Кога се рекламирате на Фејсбук, потребно е да има двонасочна комуникација со потрошувачите. Најдобро решение е да ставите слика плус текст. Добро е да прашувате, бидејќи на тој начин ќе го дознаете мислењето на клиентите, при што ќе добијат чувство дека ги цените и дека важно ви е нивното мислење. Од големо значење е и изработка на апликација за фејсбук,“ изјави Лука Нахбар Цвикел, меѓународен проект менаџер во Гоклик, Словенија.

Министерот за информатичко општество кој ја отвори конференцијата посветена на новините во маркетингот и социјалните медиумите, истакна дека современиот интернет маркетинг е моќно средство за водење на бизнис.

„Интернетот создава нова економска основа за креирање на нов економски поредок. Социјалните мрежи ги користат сите и затоа компаниите треба да ги искористат за огласување и испраќање пораки.Тие се идеално место за пронаоѓање нна потрошувачката целна група.Едноставно и брзо пораките стигнуваат до корисниците,“ изјави министерот Ивановски.

Во развиените земји е-БДП  е поголем од од оние земји кои имаат висок коефициент на е-фракција, што всушност означува степен на отпор за развој на интернетот.До 2016 година интернет економијата во развиените земји ќе изнесува 4,2 трилиони американски долари.

ФАКТИ ЗА ИНТЕРНЕТОТ

За важноста на маркетингот на интернетот говори и фактот што 2,5 милијради луѓе се на Интернет, 550 милиони од нив се од Европа, а 18 милиони се на поранешните југословенски простори и Бугарија. За неколку години оваа бројка ќе изнесува 25 милиони луѓе.

Од 2009 година до 2012 бројот на фејсбук корисници се зголемил за 233 отсто, на ју тјуб за 900 отсто, бројот на интернет корисници за 53 отсто.

Една година развој на интернет значи пет години развој на телевизијата.

Интересно е што пенетрацијата на Фејсбук во Македонија и Балканот е над просекот на пенетрациоја во другите развиени земји и е многу поголема во однос на пенетрацијата на интернетот.