Дениса Марковска, која се водеше како исчезната на Крит се самоубила фрлајќи се во морето, претпоставуваат одговорните на бродот каде дваесет и тригодишната прилепчанка работела веќе две години, пишува Канал5.
Ја снемало на брод, никој не знае каде е. Таа на 12-ти септември е пријавена како исчезната додека работела на бродот Серенисима кој во тој период патувал меѓу Родос и Крит. Дениса втора година по ред работела на бродот, а нејзините биле известени викендот дека ја снемало.
Последен пат била видена околу 2 часот по полноќ, а утрото откако не се појавила на работното место почнале да ја бараат и го нашле само нејзиниот мобилен телефон. Офицерот на бродот Серенисими кој е од Хрватска вели дека нивните претпоставки се дека таа се фрлила од бродот, но никој не го видел тоа ниту пак имало камери на палубите.
Семејството на Дениса било шокирано кога во понеделникот наутро ги добило работите на својата ќерка и кратко писмено известување дека компанијата „Волгадрим“ сопственик на бродот Серенисима жали за судбината на исчезнатата хотелска работничка од Прилеп.
Во ова кратко обраќање никакви детали за начинот како исчезнала и како се одвива истрагата. Канал 5 контактираше со семејството Маркоски, тие во Македонија бараат повеќе информации од надлежните во МНР, во Интерпол и од руската амбасада. Незадоволни се од истрагата. Велат дека имало многу нелогичности. Кога бродот пристанал на Крит, била известена грчката полиција. Додека стигнала таму, сите околу 110 патници биле пуштени да излезат од бродот на копно.
Полицајците кога дошле зеле изјави од капетанот и надлежните и била отворена морска потрага по Дениса. Но, роднините со кои контактираше Канал 5 велат дека е чудно што не било проверени и патниците во истрагата, и зошто сите лични предмети на Дениса веднаш биле испратени во Македонија наместо да бидат проверени од истражните органи на Крит. Шокот деновиве се зголемувал во недостиг на информации.
Серенисима е брод изграден во Норвешка пред 54 години, а руската компанија Волгадрим го купила пред две години. Оттогаш организира крстарења по Јадранот и Егејот, а и двете години сега исчезнатата прилепчанка работела на овој брод.
Нејзините родители бараат помош во расветлувањето на мистеријата –што се случило со Дениса.
Имено, на овој брод работат повеќе Македонци.