Иванов: Гласајте за она што е проверено

Кандидатот за претседател на земјава од ВМРО-ДПМНЕ, Ѓорѓе Иванов, на денешниот митинг во Кисела Вода им се заблагодари на жителите на оваа општина за големата поддршка што од нив ја доби во првиот круг на претседателските избори.

„Во првиот круг имавме демократски и фер избори како што и доликуваат на европска Македонија. Граѓаните имаа избор и го направија изборот. Направија избор, кој ќе работи за иднината на Македонија. Во големо мнозинство граѓаните дадоа поддршка на нашата тимска работа, дадоа поддршка на чесноста, дадоа поддршка на патриотизмот, дадоа поддршка за отворање на нови работни места, за нови инвестиции. Јас зборувам со јазикот на соработката, а не со јазикот на омаловажувањето. Зборувам и мислам на сплотеност. За заедничка работа, за подобрување на секојдневието, за подобрување на животот на секој наш граѓанин. Затоа велам, кога се работи за Македонија се работи за заеднички цели. Само со соработка меѓу институциите, соработка меѓу власта и опозицијата, соработка меѓу власта и стопанството, можат да се остварат клучните цели за Република Македонија. Неопходна ни е соработка. Ние сме сигурни и имаме јасна визија за просперитетна Македонија“, посочи Иванов.

Тој посочи дека како претседател негови  приоритети се економијата, безбедноста и надворешната политика, додавајќи дека за да биде земјава просперитетна дома и ценета надвор, таа мора да биде економски силна и развиена

„Но, сите  овие  и  многу други цели се остварливи само ако работиме како тим. На Македонија не и е доволно ниту една институција, ниту само еден политичар, ниту една партија. На Македонија и е подеднакво потребен секој нејзин граѓанин. Затоа Македонија ја градиме како тим. За Македонија се бориме како еден тим“, истакна Иванов.

Тој побара од граѓаните помасовна поддршка за двојна победа на  27 април, за кога се закажани претседателските и парламентарните избори.

„На 27 април гласајте за принципи.  Гласајте за работа. Гласајте за она што е проверено. Гласајте за Македонија. Затоа што  Македонија ни е пред се! Помогнете ни на 27 април, да ја зголемиме разликата. Помогнете да победиме со уште поголема разлика“, додаде Иванов.

PRM_5306

 

PRM_5330 (2)