Избирачките листови на Виножито „исчезнале” од најмалку 150 изборни места во Грција

Двете партии кои што се залагаат за малцинските права во Грција, Македонската и Турската, заедно освоија неверојатни 50. 000 гласови и тоа е силна порака за грчката држава, за медиумите и за самите малцинства, вели за „Нетпрес“,  Јоргос Пападакис, еден од кандидатите на “Виножито” на изборите за Европскиот парламент.

„ Ова е нешто што досега се нема случено и затоа е спектакуларно, па дури и неверојатно. Турската партија долго време беше во хибернација. Сега пак завршија како прва партија во две места, пред СИРИЗА и Неа Димократиа, што досега е невидено. Тоа е длабока порака до грчката држава, до медиумите кои што до денес оваа порака ја игнорираат, но е порака и до самите малцинства дека имаме сила ”, објаснува Пападакис.

Како што јавува дописникот на Нетпрес од Атина, рејтингот на партијата на Македонците во Грција бележи пораст во речиси сите места каде што живеат етнички Македонци, па на овие избори тие освоија 1200 гласови повеќе од минатите во 2009 та. Највисока разлика во освоени гласови “Виножито” оствари во Солун, а потоа и во Кукуш, Сер, Воден, Кожани, Костур итн. 

Ако се земат в предвид сите неправилности, секако дека “Виножито” се задоволни од порастот од 1200 гласови, вели Пападакис, нагласувајќи дека секогаш може и повеќе.

„Во минатите години имаме прием на многу млади луѓе во партијата, кои што секојдневно се активни на интернет просторот и мислам дека тука е разликата од 2009 та и од бројот на освоени гласови. Тие се добиени главно благодарение на новите луѓе кои што се постојано активни. Според тоа, може да се каже и дека тие нови 1200 гласови се во голем дел од млади луѓе кои што ги следат тие активности на нашите нови членови”, вели Пападакис.

Фактот дека „Виножито” ќе бидат саботирани беше познат однапред. Традиционално некоректниот третман и нефер атмосферата што почна од денот на распишувањето на изборите, продолжи и на самиот изборен ден. Пападакис вели дека на најмалку 150 избирачки места од Тракија до Крит едноставно немало гласачки листови на “Виножито”, што значи дека граѓаните воопшто не можеле да гласаат за партијата.

„Конкретно, мој пријател од Тракија, припадник на турското малцинство, сакаше да гласа за мене. Таму му одговориле дека нема ливчиња од ’Виножито’ ”, вели Пападакис објаснувајќи дека потоа на пријателот му било предложено на празен бел лист да го нацрта логото на „Виножито” и така да гласа, на што бил добиен повратен одговор сами да си го нацртаат логото, па по кратко време, сепак успеале да „пронајдат“ три гласачки листови на „Виножито”.

Победата на опозициската СИРИЗА и фактот што во Европскиот парламент ќе седат и неонацистите од Златна Зора за Пападакис не е изненадување. Според него, ваквиот изборен резултат нема да значи и предвремени избори во Грција бидејќи партиите од владината коалиција предводена од Неа Димократиа заедно остварија посилен резултат од СИРИЗА.