Избрани најдобрите здравствени установи во Македонија

Универзитетска клиника за гастроентерохепатологија е клиника која ги постигнала најдобрите резултати во 2013 година според резултатите од имплементацијата на системот Баланс скор кард. Оваа клиника ги исполнила сите критериуми односно работела без долгови, не го надминува буџетот за медицински потрошен материјал, поттикнува воведување на нови интервенции на работа и согласно спроведените анкети пациентите се задоволни од здравствените услови.За ова денес информираше денеска министерот за здравство Никола Тодоров.

Со имплементација на системот Баланс скор кард секоја година ќе се избираат најдобрите здравствени установи кои постигнале надобри резултати во 4 области и тоа финансии, пациенти, клинички фокус, развој и обука. Имплементацијата на овој систем има за цел да ја поттикне установите за унапредување на работа и поголема ефикасност.

Персоналот на оние здравствени установи кои 2 години последователно ќе бидат избирани за најдобри ќе добива 10% надомест од минималната плата во рок од 3 месеци.

-Согласно податоците од оваа евалуација на системот, клиники со најдобри постигнувања (во 2013 година) се: Универзитетска клиника за гастроентерохепатологија  (Клиника која ги постигна сите предвидени таргети по индикаторите, односно клиника која работи без долгови, не го надминува буџетот за лекови и медицински потрошен материјал, поттикнува воведување на нови интервенции и научна работа, и согласно спроведените анкети пациентите се задоволни од здравствените услуги), Универзитетска клиника за уво, нос и грло, Универзитетска клиника за торакална и васкуларна хирургија, Клиника за хируршки болести “Св.Наум Охридски”, Универзитетска клиника за психијатрија, истакна Тодоров.

Меѓу клиничките и општите болници најдобри постигнувања во 2013 имаат: болниците во Штип, Гевгелија, Струга, Велес и Кочани.

Кај здравствените домови во топ 5 се издвоија здравствените домови во Валандово, Скопје, Берово, Делчево и Пехчево.

Меѓу специјалните болници, најдобри постигнувања има Специјалната болница за белодробни заболувања и туберкулоза – Јасеново, од заводите најдобар резултат има Заводот за физикална медицина и рехабилитација со целосно исполнети таргети по индикаторите во областите на пациенти и клинички фокус, а од Институтите – Институтот за белодробни заболувања и ТБЦ, кој и покрај зголемениот број на пациенти, бележи намалување на долговите.

– Ова се базични резултати кои треба да претставуваат поттик за натамошно подобрување на постигнувањата на јавните здравствени установи, односно целокупно унапредување на здравствениот систем во државата. За 2015 година развивме нова методологија со утврдени национални индикатори, како и индивидуални индикатори на успешност за секоја јавна здравствена установа, а предвидуваме поголем број индикатори во сите области, истакна Тодоров.

Министерот најави дека нови индикатори според кои ќе се следи успешноста на јавните здравствени установи се следење на реадмисии или ревизии во рок од 30 дена по хоспитализација или хируршка интервенција, смртноста од мозочен удар или миокарден инфаркт, процент на породувања извршени со царски рез, време на чекање за хистопатолошки наод, искористеност на операциони сали, должина на болничкиот престој, неоправдано препраќање во други здравствени установи, како и индикатори во врска со итната медицинска помош.

-Согласно измените на ЗЗЗ,  директорите на јавната здравствена установа се должни да организираат и обезбедат тековно прибирање и обработување на податоци потребни за мерење на клучните индикатори на успешност и да обезбедат внес на овие податоци во интегрираниот здравствен информатички систем најдоцна до петти секој месец за претходниот месец. Директорот одговара (со плаќање договорна казна во износ од 20%, односно 10% или 5% од неговата основна плата во период од три месеци) и за неостварување на годишните целни вредности на клучните индикатори, истакна Тодоров.

Министерството за здравство четири пати годишно ќе врши евалуација на успешноста на јавната здравствена установа во остварувањето на BSC. Евалуацијата на остварувањето на ЈЗУ според зададените индикатори всушност претставува евалуација на директорите на ЈЗУ за постигнатото во однос на планираното, што значи дека од нивото на реализација на поставените индикатори ќе зависи дали менаџментот на соодветната ЈЗУ ќе биде дополнително финансиски награден или не.

Министерството за здравство четири пати годишно ќе изготвува ранг листа на најуспешни јавни здравствени установи. Вработените во јавната здравствена установа која се наоѓа осум пати во текот на две последователни години  на прво место на ранг листата на најуспешни јавни здравствени установи, добиваат парична награда во износ од 10% од минималната плата во Република Македонија, во текот на три месеци едно подруго.