Јанакиески за РСМ: Олеснителни услови за корисниците на станови со ниски примања

Поволни услови за корисниците на станови. Лицата со ниски приходи ќе можат да си ги откупат или понатаму да плаќаат кирија, а надоместокот ќе биде утврден согласно со нивните месечни примања, изјави министерот Миле Јанакиески во емисијата “Индекс” на Радио Слободна Македонија.

Тој најави дека идната година се предвидени средства за финансиска поддршка на нискобуџетните авио компании, кои ќе се бираат на јавен повик за влез на поевтини летови до други дестинации.

Според Јанакиески, оваа одлука на владата поминала вчера, а меѓу олеснетите околности се отплата на ануитети на 30 години, но донесени се и мерки за оние лица кои се диво вселени во општествените станови.

Според Јанакиески, на почетокот на октомври Владата ќе распише оглас за избор на консултант кој треба да изработи студија која треба да покаже дали и колку е исплатливо воспоставувањето на национален авиопревозник во Македонија. На синоќешната владина седница донесена е одлука и двете компании, турската Аксо енерџи и италијанската Конкордија да продолжат во втора фаза од постапката за избор на компанија која ќе ја гради гасоводната мрежа во Скопје. Конечната одлука владата ќе ја донесе во декември.

Покрај гасификацијата која е еден од клучните проекти идната година, министерот Јанакиески изјави дека патната инфраструктура зафаќа голем дел од капиталните инвестиции. Покрај автопатите во фокусот се и регионалните патишта. Поголем број од нив стартуваат со реализација идната година. Неготино – Демир Капија, експресен пат Куманово – Република Бугарија, Кичево – преку извор до Дебар, Штип – Кочани изградба на експресен пат кој ќе чини 23 милиони евра, Охрид – Пештани изградба на нов пат, понатаму, изградба на експресен пат Штип – Радовиш, рехабилитација на патот Битола – Ресен и Делчево – Голак и Пробиштип – Пониква, во насока на развој на туризмот.