Јавен повик за давање земјоделско земјиште на плодоуживање

Вкупно 133 хектари земјиште (ниви, ливади и трска) ќе понуди државата на јавен повик за давање на земјоделско земјиште во државна сопственост на плодоуживање на социјално необезбедени лица.

Станува збор за земјиште во 11 региони и тоа во Свети Николе, Велес, Неготино, Гевгелија, Македонски Брод, Крива Паланка, Виница, Кавадарци, Крушево, Куманово и во Кратово.

Земјоделското земјиште се издава на петгодишно плодоуживање, а секој понудувач – корисник на правото на социјална помош (инвалидни лица, самохрани родители и лица згрижители или старатели на дете без родители и родителска грижа или возрасно лице со одземена деловна способност), до Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во Скопје, може да достави само еден оригинален образец (барање) во рок од 30 дена од денот на објавување на јавниот повик во дневниот печат.

Најмногу на плодоуживање може да се додели до 3 хектари земјиште за одгледување на земјоделски култури. Големината на површината на земјиштето не може да биде поголема од три хектари, ниту помала од големината на една катастарска парцела.

Изборот на најповолен понудувач ќе го врши комисија, врз основа на критериумите утврдени во Програмата, а во договорот ќе биде одреден видот и висината на помошта која се обезбедува за започнување на плодоуживањето.

Дополнителни информации заинтересираните земјоделци може да добијат и на веб страницата на Министерството за земјоделство и во неговите подрачни единици.