Колумни

Кај и да си, за Божик дома да си!

Кај и да си, за Божик дома да си!

Се гарантира слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата. Се гарантира слободата на говорот, јавниот настап, јавното информирање и слободното основање на институции за јавно информирање. Се гарантира слободниот пристап кон информациите, слободата на примање и пренесување на информации. Се гарантира правото на одговор во средствата за јавно информирање. Се гарантира правото на исправка во средствата за јавно информирање. Се гарантира правото на заштита на изворот на информацијата во средствата за јавно информирање. Цензурата е забранета…

Вака стои во членот 16 од Уставот на Република Македонија!

Но, кој колку денес го почитува највисокиот закон – Уставот на државата Макдонија? Дали Уставот воопшто важи?

Патриотизам е да си ја сакаш татковината. Шовинистите ги мразат другите. Патем, политиката е пресериозна работа, да им биде оставена само на политичарите. Едновремено, политичарите до тој степен не си веруваат на зборовите, што се воодушевуваат кога другите буквално ги разбираат. Во политиката некогаш ви наложуваат да ја предадете државата, заедно со тие што за вас гласале. Некои го преферираат предавството на народот.

Од досега кажаното, од големиот Шарл Де Гол, ќе се извлече пораката, дека политичарите секогаш ја извлекуваат само с’ржта од тие кои ги гласаат остварувајќи ги притоа само своите лични интерси на штета на народот. И, не само тоа, цедејќи ја маста и с’ржта на народот преку поддршката до заборавајќи го еднаш и засекогаш.

Но, кој и зошто ги заборави 36-те притворени за Македонија од настаните на 27 април во Собранието годинава?

Имавме и сеуште имаме жртви или судени за Македонија кои отсекогаш застанале на барникот на вистината за Македонија.

Грев ли е да си ја сакаш сопствената мајка, фамилија и држава?

Едно е јасно како ден, дури и по дефиниција, убедување и по свето правило: Обврзан си да си ја спасиш и заштитиш средината во која си се родил, растеш, живееш и работиш. Тоа не само што е правило на природата, тоа е и правило на животот!

Патриотизмот е најсветото во животот. Патриотизмот не се купува, ниту на порачка се добива. Тоа извира во самите вас и живее додека живеете со него до крајот на животот. Но, не исчезнува, тој продолжува и таму каде заминувате после овој привремен живот. Преку коските како сведоштво, дека на овој свет сте биле и сте престојувале, остварувајќи ја сопствената мисија која е исклесена во кодот на постоењето. Значи, вашите пораки се запишани во вашите коски, од коишто се емитираат пораки до вашите блиски или до оние одбраните да го продолжат делото што сте го започнале или сте го продолжиле да го правите за доброто на вашето семејство, вашата средина и вашата татковина!

Сведоци сме, дека ден денес 36 души се’ уште се во занданата, каде што не им’ е местото, бидејќи беа понесени од мислата – Татаковината е посилна од се’ што постои. Како можеме да зборуваме за парадокси, за предавства и слични нешта, ако пред се, не расчистиме со самите нас, колку сме чесни и патриоти во вистинската смисла на значењето?

Мојата почитувана пријателка Биљана Ванковска излезе со став:

„Поголем срам од притворот е МОЛКОТ на медиумите, активистите за човекови права и интелектуалците! Некои молчат поради индоленција, други од страв, трети мрморат со злорадост… Срамота е и за правната фела која знае дека мерката притвор, како и порано, така и сега под новиот режим, е казна! Затоа е неправедна, од Македонија прави земја со политички, а не терористички притвореници…“.

Дали ја имаме макијавелијевата „средствата ги оправдуваат целите“, или стравот лозјето го чува во ова време на лудило и безумие? Дали стравот е вметнат во коските на луѓето, и тие денеска остануваат глувонеми, или под присила да не смеат да си го кажат основното, а тоа е – се согласувам или не се согласувам? Па, каде води ловот на вештерките?

Вели народната „Каде и да си, за Божик дома да си!“. Затоа, им порачувам на нашите политичари, на нашите браќа во Христа кои се на власт, да ја слушнат пораката на Гласот на народот, Божјиот глас: „Притворените кои по словото Божјо и по Уставот на сопствената држава Македонија, застанаа да си го кажат својот став и упатија порака за вистината, за заедничка и унитарна Македонија, да бидат пуштени, да се бранат на слобода, на Божик да бидат покрај своите семејства и пред своите огништа! Кај и да се сега, дома за Божик да се!

Автор: Слободан Томиќ