Калц нов тренер на кадетите во ФК Вардар

Поранешниот репрезентативец на Македонија, Љупчо Марковски – Калц е најновата вардарова легенда која се приклучи на младинската школа и ќе се обиде да даде свој допринос во реализацијата на амбициозниот проект за развој и надоградување на пионерско-младинската школа на ФК Вардар кој стартуваше пред шест месеци.

Популарниот Калц е именуван за нов тренер на кадетите во младинската школа, а таму ќе го замени помладиот Александар Васоски кој веќе е вклучен во стручниот штаб на првиот тим.

„Навистина не може да го скријам задоволството што повторно сум во Вардар. Малку бев затекнат од повикот затоа што знам дека 15 години никој досега не почуствувал или проценил дека сум потребен на Вардар. Сега, мора да искажам благодарност до директорот Митев и координаторот на школата Саше Милошевски кои ме повикаа во мојот клуб. Искрено се надевам дека ќе можам со своето искуство да допринесам за развојот на младите категории кои се исклучително важни за клубот. Од она што ми е предочено, од она што го гледам и од имињата кои се вклучени во работата во школата може да кажем дека Вардар има навистина извонреден проект кој едноставно мора да даде резултати во иднина”, изјави Марковски за официјалниот сајт на ФК Вардар.