Каракамишева: Македонија е мета на хиенската настрвеност

Хиените пристигнаа, насетија тензии, поделби и раздор меѓу македонските граѓани и веднаш се настрвија, одлучно се здружија да зграбаат што е можно повеќе, да ќарат што е можно поголем плен, смета универзитетската професорка Тања Каракамишева-Јовановска по вооружените инциденти во Куманово.

-Верувам дека сите граѓани на РМ, без разлика на нивната политичка или верска припадност, се еднакво загрижени за нивните животи и за нивната сигурност, но и за сигурноста на нивните семејства, роднини, пријатели. Верувам дека сите се длабоко свесни за сериозноста на сегашните, но и за ескалирачките последици по сите нас од ова хиенско сценарио што ни се наметнува како судбина. Се надевам дека ако не сите, тогаш големото мнозинство граѓани ќе го осуди ова погубно делување на одредени домашни и странски структури и дека здружено ќе се спротивстави на сите натамошни поделби и раздор кои имаат за цел уништување на нашата татковина. Република Македонија е во прашање. Република Македонија е мета на хиенската настрвеност. Треба сите да го разбереме тоа, и со најголема сериозност да го спречиме последниот план за македонското разнебитување. Сите политички партии, целата интелектуална јавност и сите граѓани на земјава треба веднаш најостро да ги осудат овие терористички делувања и акции на одредени  надворешни, но и внатрешни групи и да застанат во одбрана на националното единство и на националните интереси. Потребно е единство како никогаш до сега. Потребно е да се сфати сериозноста на преземените активности и да надвладее разумот како единствен начин за надминување на сите проблеми. Искуството ни покажа и ни докажа дека оружјето, насилството и поделбите не се, ниту некогаш биле решение за развојните перспективи на земјата, ниту одат во прилог на стабилниот економски, политички и правен развој на државата, вели Каракамишева.

1fotoak