Кина економски пред САД

Повеќето анализи укажуваа дека Кина ќе ги надмине САД како најголема светска економија на почетокот на следната деценија, но новите извештаи базирани врз анализа на Светската банка, која во предвид ја земала и куповната моќ на кинеската валута јуанот, обемот на кинеската економија веќе е израмнет со американскиот, а во текот на годинава ќе го надмине.
Се очекува дека во текот на годинава кинеската економија да се зголеми за 7,5 проценти, што е трипати повеќе од американската. Пред двете големи економски кризи што ги зафатија САД и Европската Унија, кинеската економија знаеше да расне и над 10 проценти годишно, а во изминатите неколку години стапката на раст се движи околу седум или осум проценти годишно.
Номиналниот домашен бруто производ на Кина се проценува на над девет билиони долари и во изминатата декада земјата постепно ги претекнуваше најголемите европски држави, вклучително и Германија, за да се искачи над Јапонија во 2009 година, со што стана втората најголема економија во светот.
Со над милијарда граѓани и огромен простор за урбанизација, индустријализација и натамошен раст, американските експерти сметаат дека растот над кинеската економија над нивото на американската е само прашање на време.

 

Домашниот бруто производ на американските 320 милиони граѓани изнесува речиси 17 билиони долари. Двете земји се соочуваат со новоотворени безбедносни прашања, по американската најава за распоредување на поголем дел од нејзината воена моќ во Пацификот и спорот за суверенитетот на островите меѓу Кина и американскиот сојузник Јапонија.
САД и Кина имаат трговска размена од половина билион долари годишно, при што Кина има огромен суфицит од 350 милијарди долари, а во исто време, кинеската благајна држи околу 1,2 билиони од американскиот долг, кој изнесува 17,5 билиони долари.