Ќе се гради нова амбуланта во Миладиновци

Во насока на унапредување на квалитетот на здравствената заштита на граѓаните, општина Илинден почна со активности за изградба на нова амбуланта во населено место Миладиновци, со што ќе се реши еден од поголемите проблеми на жителите на шест населени места во Општината.

Амбулантата ќе се гради на местото на постоечката која што  е во многу лоша состојба и не ги задоволува потребите на граѓаните.

Новата амбуланта ќе се простира на површина од 250 метри квадратни, а на пациентите ќе им бидат на располагање две ординации за општа медицина, стоматолошка ординација, просторија за патронажа (вакцинација), просторија за интервенција, лабараторија, аптека, чекална, како и тоалети за пациентите.

Со изградбата на новата амбуланта, проект што се реализира во соработка со Министерството за Здравство и Здравствен дом Скопје, ќе се овозможат квалитетни здравствени услуги за граѓаните не само од Миладиновци, туку и од населени места Бујковци, Мршевци, Бучинци, Текија и Дељадровци.

Постоечката амбулантата ќе биде во функција се до изградбата и предавањето во употреба на новата, по што постоечкиот објект ќе се отстрани заради партерно уредување.

Покрај амбулантата во Миладиновци, наскоро нов Здравствен дом ќе добијат и жителите на населба Илинден. Со изградбата на овој Здравствен дом на граѓаните ќе им се овозможи широк спектар на здравствени услуги во местото на живеење, со што повеќе не ќе мораат да патуваат по дваесеттина километри за да извршат одредени испитувања.