Полицајци ќе ги советуваат аеродромци како да спречат кражби во домот

Пред влезот на ТЦ „Капитол“, утре во 19 часот ќе биде поставен информативен пункт на кој полициски службеници ќе остваруваат контакт со граѓаните, ќе се дели пропаганден материјал и ќе се делат совети за спречување кражби во станови, куќи и возила.

Станува збор за продолжение на проектот „Превенција од имотни деликти“, кој во соработка со Полициската станица „Аеродром“ беше промовиран на почетокот на месецов со цел да се зголеми информираноста на граѓаните како да се заштитат од кражби во летниот период.

Преку едукацијата на граѓаните се очекува да се зголемат безбедносните мерки и безбедносната култура. На овој начин би се подобрила и соработката на граѓаните со полицијата, така што би се стеснил просторот и би се отежнале условите за вршење на кривичните дела.