Компаните задоволни од соработката со Владата и бизнис климата во Македонија

Компаните задоволни од соработката со Владата и бизнис климата во Македонија
Компаните задоволни од соработката со Владата и бизнис климата во Македонија

Заменикот претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за економски прашања, Владимир Пешевски, претседаваше со тематската седница на Економскиот Совет за предлози на компаниите кои функционираат во Технолошко индустриските развојни зони и други странски компании.

Со цел подобрување на бизнис климата во Република Македонија, од септември 2014 година започнаа да се одржуваат редовни седници на Економскиот совет со странски инвеститори, три до четири пати на годишно ниво.

На денешната седница компаниите доставија 21 предлог со кои сметаат дека нивната работа ќе биде поефикасна, а воедно ќе се поедностават одредени административни процедури.

Денес се покренати иницијативи од областа на одредени услуги кои се овозможуваат да ги користат компаниите во технолошко-индустриските развојни зони, понатамошно унапредување во делот на меѓународните трговски договори на Македонија, како и работењето во индустриските -зелени зони лоцирани во општините. Овие теми се дополнување на главните тематски области на досега одржаните седници кои беа од областа на: животна средина особено во делот на решавање на различен вид на отпад, царинското работење во и надвор од технолошко-индустриските развојни зони, работните односи, образование и обука, мерки на вработување на работна сила, финансиско и девизно работење, меѓународен сообраќај, работни дозволи и престој на странци.

пешевски

Претставниците на компаниите кои присуствуваа на седницата истакнаа дека овој начин на работа, кога периодично имаат можност директно да ги изнесат своите предлози и барања до Владата, е особено ефективен и помага за креирање на уште подобра бизнис клима во земјата.

Овие иницијативи се особено важни за работата на самите компании, но од нив произлегуваат и измени на легислативата со која се унапредуваат  бизнис условите за сите странски компании или дел од компаниите од исти индустриски гранки.

Вицепремиерот Владимир Пешевски потенцираше дека Владата има воспоставено одлични релации со бизнис заедницата и дополни дека Владата напорно работи оваа соработка да се подигне на уште повисоко ниво.

Тој посочи дека компаниите кои функционираат во Технолошко индустриските развојни зони и другите странски компании имаат особено големо влијание во целокупниот економски раст на земјата. Според плановите за развој на компаниите бројот на вработени во овие компании во наредниот период ќе достигне 34.000 лица, извозот од година во година е се повисок, а дополнителна добивка е што структурата на извозот се менува во позитивна насока и се повеќе се извезуваат производи со повисока додадена вредност.

Пешевски потенцираше дека седниците на Економскиот совет се одлична можност да се слушнат искуствата на мултинационалните компании кои имаат инвестирано во Македонија, и да се изнајде можност истите да се модифицираат и имплементрираат во домашната легислатива со што ќе се придонесе за креирање на подобри бизнис услови и кон повисок економски раст на Република Македонија.

Странските компании пројавуваат се поголем интерес за учество на седниците на Економскиот совет, а на денешната седница на Економскиот Совет освен претставници на странските компании, за првпат, присуствуваа и претставници на две домашни компании Хај Тек Асембли Центар и Технопласт, кои ги започнаа своите инвестициски проекти во Технолошко индустриската развојна зона во Скопје.

На досегашните 24 седници, вклучувајќи ја и денешната, компаниите доставија над 100 предлози и ининцијативи, од кои целосно се имплементирани околу 70%, а останатите се во тек на реализација.

На седницата присуствуваа и вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, министерот за животна средина и просторно планирање Башким Амети, гувернерот на Народна банка Димитар Богов, замениците министри за економија Христијан Делев, за земјоделство, водостопанство и шумарство Ванчо Костадиновски и за труд и социјална политика Диме Спасов, Директорот на Дирекцијата за ТИРЗ Виктор Мизо, како и претставници од органите на државната управа за кои се однесуваат дел од иницијативите предложени на денешната седница.