Костовска: Од синоќа, па досега не е пријавен нов случај со симтоми на ебола

Од вчера и во текот на денешниот ден не е пријавен друг случај со слични симптоми на ебола.

Ова денеска го изјави раководителот на Секторот за превентивна здравствена заштита, Јованка Костовска.

Таа истакна дека Министерството за здравство е подготвено да се соочи со секаква ситуација.

Телото на починатиот со слични симптоми на ебола е ставено во специјален лимен сандак во посебна просторија, која е дезинфицирана.

Во хотелот постојано има медицински надзор, се разговара со сите 25 луѓе во карантинот и се следи нивната здравствена состојба.

Луѓето се смирени и не се исплашени, а сите се во добра здравствена состојба.

Лекарите кои го донеле пациентот од хотелот исто така се под надзор на Клиниката за инфективни болести и станува збор за околу десетина медицински лица.

Костовска истакна и дека од вчера немало ниту еден случај некој доброволно да се пријави за карантин.

Телото на починатиот не е дадено на обдукција, туку само се испратени материјали на клиниката во Хамбург, а резултатите би требало да пристигнат во сабота попладне.