Крим: Украински војници пребегнаа кон проруските сили

Повеќе припадници на украинските вооружени сили распоредени на Крим преминаа на страната на локалните власти и наскоро би требал да положат заклетва, известија руските новински агенции.

„Денес голем дел од украински вооружени сили распоредени на Крим преминаа на страната на автономната област Крим. Транзицијата беше апсолутно мирна, без ниеден испукан куршум, ниту од војската или од силите за самоодбрана“, изјавил неименуван извор за агенцијата „РИА Новости“.

Истиот извор истакнал дека некои војници пребегнале, додека пак други поднеле пишани оставки.

„Локалната војска не е платена со месеци“, додал изворот.

Командантот на украинската морнарица, Денис Березовски вчера се придружи кон проруските власти во Крим, а во телевизиското обраќање од кримското седиште на Руската црноморска флота, порача дека се заколнал на верност на народот во Крим.

Березовски е избран за командант на неформираната Воена морнарица на Крим.