Средниот бек на Металург, Павел Атман од следната сезона ќе биде член на унгарски Веспрем, бидејќи пред неколку дена потпиша договор со актуелниот учесник на Ф4 турнирот, и најдобриот тим во Унгарија. Важноста на договорот е за од следната 2015/2016 сезона.
Иако клубот од Унгарија го нема потврдено трансферот, во таборот на Металург, и сите играчи се запознаени со одлуката на Атман да си замине од Македонија и кариерата да ја продолжи на друго место. Тоа што уште отсега Атман потпишал за друг клуб значи дека воопшто не размислувал да почека понуда од клубот за евентуално останување и следните сезони во Автокоманда.
Уште летово повеќе клубови беа заинтересирани за услугите на рускиот репрезентативец, екипи од Европа, но и од Катар, но тој имаше двегодишен договор со скопјани, па по завршувањето на оваа сезона ќе си замине како слободен играч
Атман дојде во Скопје лани во јуни од екипата на Динамо Минск, и беше еден од најдобрите играчи во клубот, и на многу натпревари беше играчот што го „решаваше противникот“. Во тандем со Ренато Вугринец и Филип Миркуловски го понесоа најголемиот товар ланската сезона во која Металург стигна до четвртфиналето на ЛШ и го освои првенството.
Атман постигна 47 гола во Лигата на шампионите, а кога потпишуваше за Металург изјави дека не било решавачки финансиската понуда тука тоа што ќе биде дел од тим предводен од Лино Червар.