Лазаров: Во Катар одиме по сонот- Олимпијада

По триумфот во Фленсбург, најдобриот стрелец на Барселона и оваа сезона во Лигата на шампионите, Кирил Лазаров говореше на актуелни теми за официјалната веб страна на Лигата на шампионите. Се наврати на „кошмарот„ во полуфиналето минатата сезона и реваншот кој стигна пет месеци подоцна. Исто така говореше и за позитивниот момент во кој се наоѓа:

„Добро ми оди во овој момент, но не е се во постигнувањето голови. Ако постигнам 20 гола, а мојот тим загуби, тогаш ќе бидам разочаран. Ракометот е тимски спорт, со головите се обидувам да му помогнам на мојот тим, но среќен сум само кога победувам. Победата е секогаш моја мотивација, јас сум амбициозен човек, ако има титула да се освои, јас секогаш играм за да ја освојам„ вели Лазаров.

Тој се наврати на мечот со Фленсбург во минато сезонското полуфинале на Лигата на шампионите:

22343545

„Во мојата кариера мечот со Фленсбург во Келн беше најшокантен. На седум минути до крајот имавме 6 гола предност и само требаше да влеземе низ вратата до финалето. Но неуспеавме. Тешко беше да се вратиме од таков пораз. Затоа беше добро да се реваншираме на нивни терен во групната фаза. Тоа може да биде клучот да го освоиме првото место во нашата група„ самоуверен е нашиот интернационалец.

За сезоната генерално тој смета дека конкуренцијата од година во година е се поголема:

„Годинава имаме голема конкуренција, бидејќи многу екипи го посакуваат билетот за Келн. Дефинитивно сакаме да ја зграбчиме шансата за место на Final four. Скоро да сме приморани таму да стигнеме„.

За ASOBAL лигата и покрај скоро извесниот епилог, ист како ланскиот, Лазаров со претпазливост гледа на остатокот на сезоната:

„Шпанската лига не е така силна како пред 3-4 години, но повторно има добри екипи од кои треба да се чуваме. Квалитетот на ракометари и натаму е висок, а шпанските младински екипи се меѓу четири најдобри во светот во сите натпреварувања. Но имаме најсилен состав во Шпанија и амбициите ни се високи. Но сеуште имаме респект за сите наши ривали„ рече Кирил Лазаров за официјалната страна на Лигата на шампионите.

Го спореди и тимот оваа сезона со оној од сезоната 2013/14.

„Тешко е да се каже дали сме посилни од лани или не. Го загубивме Штербик, кој е еден од најдобрите голмани во светот, а го добивме младиот Гонзало де Варгас. Поискусни сме за една година, подобро се познаваме, па ако не сме посилни, тогаш сме поефикасни. Но клучниот дел од сезоната ќе започне по светското првенство. 15,16 ракометари на Барселона ќе настапат во Катар и секогаш е важно во каква ментална ситуација ќе се вратат„ констатира првиот стрелец во Лигата на шампионите по половина од групната фаза.

Како капитен Кирил Лазаров се осврна и на репрезентацијата и амбициите на светското првенство во Катар во јануари 2015 година:

„Искрено нашите амбиции во Катар се високи. Имаме многу искусни ракометари и откако имавме одредени проблеми во Данска, мислам дека дојде време да покажеме на што се сме спремни во Доха. Наша цел е да бидеме подобри од Светското првенство во 2013 и Европското првенство во 2014 година. Оптимисти сме и покрај тешката група и очекувам многу наши навивачи да пристигнат во Катар и покрај дистанцата. Тоа ќе не направи посилни. Сакаме да одиме чекор по чекор и невозможно е да го предвидиме финалниот резултат. Сакаме да го искористиме овој мундијал да го оствариме нашиот голем сон и да се пласираме на Олимписките игри во Рио де Жанеиро. Со генерации сон на нашите навивачи е олимпијадата и првиот голем чекор е добар резултат во Катар за место во квалификациите за големиот настан„ заклучи Лазаров, кој на прашањето дали е one-man show во нашата репрезентација, рече дека Македонија е тим, а тој е дел од тимот.