Лажна закана за поставена бомба во авион на берлинскиот аеродром

Германската полиција ја заврши проверката на авионот на германската компанија „Луфтханза“, чии патници попладнево биле евакуирани од пистата на берлинскиот аеродром „Тегел“, јави дописникот на МИА од Берлин.

Според германската федерална полиција, дојавата за подметната бомба во авионот на летот ЛХ 2041 на линијата Берлин Минхен е лажна, а специјалните полициски екипи кои го проверувале леталото не нашле никаква експлозивна направа.

Авионот „Ербас А319“ требаше да полета во 16 часот, но поради дојавата за можен терористички напад сите 128 патници беа вратени во аеродромската зграда.

– Поради безбедносни закани летот на авиокомпанијата „Луфтханза“ на линијата Берлин-Минхен мораше да биде дополнително проверен од страна на аеродромските служби, изјави портпаролот на аеродромот „Тегел“, Ларс Вагнер.

По проверката на авионот, летот е целосно откажан, но сообраќајот на другите летови на аеродромот се одвива нормално.

Пред два дена слична закана имаше и на аеродромот во Касел, каде што по дојава за поставена бомба во багажот беа евакуирани патниците на летот за Анталија