Лица во црни униформи се заканувале на граѓани во тетовско

Во неделата е евидентиран случај на непознати лица во црни униформи, но без обележја, кои им се заканувале на вработените на „Водовод“ во Тетово, изјави заменик-министерот за внатрешни работи, Земри Ќамили, во изјавата за портал на албански јазик „Журнал“.

Тој објаснува дека лицата истовремено и ги легитимирале граѓаните.

– Тие не се претставиле како припадници на некоја гарда, како што се шпекулира дека се членови на „гардата на Илирида“ – вели Ќамили.

Тој вели дека Министерството за внатрешни работи ги презема сите безбедносни мерки согласно законот.

– Ќе продолжиме да собираме информации и да ја следиме ситуацијата. Од полициски аспект, ситуацијата не е за вознемирување – вели Ќамили.

Медиумите неодамна објавија соопштение, наводно испратено од т.н. гарда на Илирида, во која се вели дека нејзини припадници ќе патролираат низ земјата во местата каде што живеат Албанците. Во соопштението е потенцирано дека целта на организацијата е да се „конфронтира со сите што ги продале албанските интереси“. Се наведува и дека штабот на т.н. гарда ќе им полициско обезбедување во градовите што ~ припаѓаат на „република Илирида“.

– Целта на гардата ќе биде конфронтација со луѓето што ги продадоа националните интереси. „Република Илирида“ со својата гарда сега е реалност и ќе дејствува во согласност со новиот закон, односно привремени закони додека не се реши конечниот статус на територијата во согласност со Женевската конвенција – пишува во коминикето потпишано од генерал М. Хамди Ндрецај-Пантер.

Пред два месеца Невзат Халили со Ндрецај и уште триесетина луѓе кај Споменикот на Скендер-бег во Скопје ја прогласија „република Илирида“.