вторник, 6 декември 2016  |  Вести денес: 54

„Локо Транс“ ќе гради регионален логистички центар во Македонија, нови 600 работни места

Во Македонија се одлучивме да инвестираме најмногу поради местоположбата на земјата, како и Коридорите 8 и 10, но и поврзаноста со соседните земји. Исто така, во Македонија наидовме на квалификувана работна сила во секторот на железничкиот инженеринг, па затоа и очекуваме час поскоро да почнеме со нашата инвестиција тука“, изјави сопственикот на „Локо Транс“, Карел Јалови.

maxresdefault

Последни вести

Железничкиот гигант „Локо Транс“ планира да отвори регионален логистички центар во Македонија, дознава „Лидер“. Компанијата со седиште во Брно, Чешка, донесе стратешка одлука за инвестирање во земјава. Во овој момент, компанијата е во фаза на разгледување на опции за купување на земјиште за изградба на регионален логистички центар, кој треба да ги опслужува сите соседни држави, пишува Лидер.

Република Македонија ќе биде центарот на сите операции на Балканот на „Локо Транс“, вели сопственикот на компанијата, Карел Јалови, кој пред пет години одлучува за прв пат да инвестира во Македонија.

Во првата фаза од инвестицијата планираме да вработиме околу 200 лица, а вкупно планираме да вработиме околу 600 работници. Железничката индустрија нема граници. Во Македонија се одлучивме да инвестираме најмногу поради местоположбата на земјата, како и Коридорите 8 и 10, но и поврзаноста со соседните земји. Исто така, во Македонија наидовме на квалификувана работна сила во секторот на железничкиот инженеринг, па затоа и очекуваме час поскоро да почнеме со нашата инвестиција тука“, изјави сопственикот на „Локо Транс“, Карел Јалови.

Компанијата, чија инвестиција неодамна ја најави и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, во првата фаза за изградба на капацитетот планира да инвестира половина милион евра, а вкупно инвестицијата би чинела околу 20 милиони евра.

Груевски: Четири нови странски инвестиции ќе отворат над 1.300 нови работни места

Чешка компанија која се занимава со железнички транспорт и шински возила донесе одлука да инвестира во Македонија и да вработи најмалку 600 невработени лица, при што во првата фаза ќе се вработат 150 до 200 лица, објави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, во својот говор по повод 17-тата Годишна конференција на Унијата на жени.

Груевски додаде дека тие планираат да отворат нов погон за одржување на шински возила во Скопје, со кој ќе ги сервисираат активностите поврзани со железнички транспорт на компанијата во повеќе земји од поширокиот регион.

Се планира инвестиција во вредност од 20 милиони евра, и се очекува изградбата да почне во првата половина на 2017-та, и за неполна година да започнат со работа. Поранешниот инвестициски промотор во Јапонија, кој пред две години се врати и го ангажирав во мојот кабинет во Владата во секторот за привлекување инвестиции при кабинетот, Бојан Петровски ја води оваа инвестиција. Имаме дозвола да го кажеме и името на компанијата: се вика Локо Транс, објави Груевски.

Втора добра вест, додаде Груевски, е што американската корпорација, американска компанија влегува на македонскиот пазар отворајќи канцеларија во Битола со план да вработи 300 лица. Тие обезбедуваат техничко административна поддршка на осигурителната индустрија, маркетинг услуги и преку социјалните медиуми, и медицинско кодирање на итни центри за грижа во Америка. Она што е предност е што ќе се вработат млади и добро квалификувани дипломци за што ќе се обезбеди и професионален тренинг. Оваа инвестиција ја води министерот Џери Наумоф, чие потекло е од битолско, и видно забележливи се неговите намери и напори да донесе повеќе инвестиции за Битола, рече Груевски.

Трета добра вест е за Крива Паланка. Словенечка компанија во браунфилд објект ќе отвори производство на ранци за деца кои ќе ги пласира на европскиот пазар. За почеток ќе започнат со 50-тина вработувања со развојни планови за раст и за градба на гринфилд објект. Исто така оваа инвестиција ја обезбеди Џери Наумоф.

Четврта добра вест е што американската компанија Амфенол, почнува со градба нов погон за автомобилски делови во Кочани. Амфенол веќе има две фабрики и три погони во Кочани. Градбата на трета фабрика односно четврт погон треба да заврши во средината на 2017-та и да отвори нови директни 400 работни места, плус индиректни кои секогаш доаѓаат со директни. Со сите нивни фабрики постоечки и новата Амфенол ќе достигнат 2.500 нови вработувања. Оваа инвестицијата ја обезбеди Христијан Делев, заклучи Груевски.

Во Македонија за прв пат ќе се гради фабрика за производство на вагони

Дејан Трпевски, менаџер на Локо Транс- Скопје, за „Лидер“ објаснува дека логистичкиот центар ќе опфаќа пред сѐ работилница за одржување на железнички возила и контејнерски терминал во првата фаза, додека во втората фаза логистичкиот центар ќе биде надграден со фабрика за производство на вагони, односно шински возила, нешто што досега во Република Македонија не постоело.

dejan trpevski loko trans

-На Балканот не постојат сертифицирани и лиценцирани работилници за одржување на вагони, особено на товарни вагони, сертифицирани по европските стандарди. Работилницата која се предвидува да биде отворена во Македонија ќе биде сертифицирана по највисоките европски стандарди, бидејќи голем број вагони кои транзитираат низ Република Македонија, а за кои се потребни сервис и одржување, бараат изведувачот на сервисот да поседува европски сертификати. Сите соседни држави поради постоењето на овие сертификати ќе бидат на некој начин приморани да гравитираат кон оваа работилница која се планира да се отвори во Република Македонија, објаснува Трпевски.

Со „Локо Транс“ Македонија добива водечка улога на Балканот во железничкиот сектор

Самата работилница ќе понуди највисоко ниво на услуги на сопствениците на железнички возила, како товарни вагони, така и локомотиви, велат од компанијата.

Трпевски и Јалови планираат процесот на купување на земјиштето да заврши во првиот квартал од 2017 година, а штом се завршат сите подготовки околу добивањето на дозволите за градба, компанијата веднаш ќе почне со изградба на капацитетите, односно на железничката и патната инфраструктура, како и на придружните објекти. Се очекува во рок од 12 месеци да биде завршен проектот во првата фаза, односно изградбата на сите делови од регионалниот логистички центар.

-Во зависност од резултатите кои ќе ги постигне логистичкиот центар, ќе се пристапи кон втората фаза од инвестицијата, односно изградба на фабрика за производство на нови шински возила, што ќе даде дополнителен импулс на останатата индустрија во Република Македонија, објаснува Трпевски.

Компанијата планира да воспостави и мобилни екипи за одржување на железнички возила кои ќе ги опслужуваат клиентите во соседните држави при појава на дефекти, и тоа на Косово, Србија, Грција, а по изградбата на Коридорот 8 и во Бугарија, така што се очекува голем дел од работата да отпадне и на мобилните тимови, односно на т.н. амбулантно одржување на железнички возила.

Влезот на „Локо Транс“ во Македонија ќе значи дека во железничкиот сектор земјата добива водечка улога на Балканот, бидејќи ќе има единствена работилница која ќе ги задоволува ЕУ стандардите, што земјата ја става во центарот на збиднувањата во делот на железничкиот систем.

Компанијата „Локо Транс“ од 1990 година работи во железничкиот сектор, од 2007 година поседува бројни сертификати за ЕУ стандарди, а освен во Македонија, свои претставништва има во Словачка и Бугарија, а присутна е и во Хрватска, Италија, Уругвај и Саудиска Арабија.

Најчитани вести