ОЈО: Не ја опструираме истрагата, постапуваме по сите кривични пријави, досега ниедна не е документирана

Јавното обвинителство истакнува дека во ниту еден момент не ја опструира истрагата и не ги попречува надлежните органи за документирањето на настаните во Собранието на Република Македонија, како што претхдно во вторникот обвини портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов и го потсетуваат дека досега има примено кривични пријави од Министерството за внатрешни работи само против сторители осомничени за насилно влегување во Собранието

Во писмената реакција на Основното јавно обвнителство, притоа се истакнува дека напротив согласно законот, јавното обвинителство дава наредби за откривање на за споменатите случаи и оти ќе постапи секогаш по сите кривични пријави со кои се документирани потешки кривични дела, соопштуваат од Основното јавно обвинителство.

Воедно, секој кривично правен настан е посебен и не може да се повлекуваат паралели при постапувањето, порачуваат од Обвинителството.

„Известуваме дека Основното јавно обвинителство Скопје досега има примено кривични пријави од Министерството за внатрешни работи само против сторители осомничени за насилно влегување во Собранието на РМ и спречување на службени лица во вршење на својата функција“, се истакнува во писмената реакција на ОЈО.

До овој момент од Министерството за внатрешни работи не е поднесена документирана кривична пријава за ниту едно друго кривично дело, укажуваат во продолжение обвинителите.

„Потенцираме, Основното јавно обвинителство од Министерството за внатрешни работи нема добиено кривична пријава против конкретни лица за сторени кривични дела, во смисла на нанесување на лесни, тешки телесни повреди и други дејствија. Доколку Министерството за внатрешни работи поднесе документирани пријави за потешки кривични дела и за сторители на потешки кривични дела, кон нив ќе следуваат сразмерни мерки“, порачуваат.

Притоа, како што е наведено во писмената изјава, јавното обвинителство и самото презема дејствија за документирање на целиот кривично-правен настан, иако со оглед на обемноста на бројот на претходно пријавени лица и дејствијата кои треба да се преземаат, генерално, обвинителството работи во отежнати услови.

„Во врска со настанот во Собранието на Република Македонија, до овој момент јавното обвинителство има дадено десетици наредби за откривање на сторители на потешки кривични дела, но за нив Министерството за внатрешни работи нема прибрано докази, истите не се документирани, ниту обвинителството е известено за нивното постапување“, посочуваат од ОЈО.

Од друга страна, повторувајќи дека јавното обвинителство не ја опструира истрагата, даваат појаснување за пошироката јавност дека во откривањето на сторителите на кривичните дела, јавното обвинителство е лимитирано, во прв ред, од неусогласеноста на Законот за јавно обвинителство со Законот за кривична постапка што, како што се оценува, ги лимитира можностите за улогата на јавното обвинителство во откривањето на криминалот.

„Оваа неусогласеност е по исклучива вина на Министерството за правда кое во последните пет години не постапува по поднесен предлог на јавното обвинителство за измена на Законот за јавно обвинителство со кои би биле овозможени претпоставките за постапување на јавното обвинителство во смисла и на откривачка улога“, се додава во реакцијата на Основното јавно обвинителство.