Македонска алијанса ги повика Македонци во Албанија да гласаат во недела

Во пресрет на неделните локални избори во Албанија, претседателот на Македонската Алијанса, Ѓорѓија Џорџ Атанасоски, упати повик до Македонците кои живеат таму.

-Македонската Алијанса ги повикува нашите браќа и сестри Македонци од Пустец, Голо Брдо, Гора, Врбник, Елбасан, Поградец, Мала Преспа, Корча, Тирана и од сите останати региони, во недела масовно да излезат на гласање, да го дадат својот глас за кандидатите на единствената Македонска партија во Албанија, Македонска Алијанса за Европска Интеграција, и со тоа да покажеме дека сме сериозен општествено-политички фактор кој не престанува да се бори за своите демократски права. Актуелниот Градоначалник на Пустец, Едмонд Темелко е политичар кој во сите изминати години заедно со нас пожртвувано се бори за унапредување на правата на Македонците во Албанија, стои во повикот.

Атанасоски порачува дека Темелко ги заслужува македонските гласови.

-Фактот што за прв пат во изборната трка влегуваат дури 200 кандидати на МАЕИ на листи во 16 Албански Општини, вклучително и во Тирана, чиј Совет брои 62 советника, е најдобра потврда Македонците имаат големи очекувања од неделните локални избори.Тие не смеат да бидат изневерени!Уверени сме дека во недела како резултат на коалицијата на Македонската Алијанса за Европска Интеграција и Едмонд Темелко со владејачката коалиција на актуелниот Премиер Еди Рама, најмалку што ќе успееме да сториме е барем двојно да го зголемиме бројот на советници од минатите локални избори. Само на таков начин нашите позиции дополнително ќе се засилат и подобрат дефинирајќи ги уште повеќе Македонците како неодминлив и активен политички фактор во Албанското општество, велат од Македонската Алијанса.

Македонската Алијанса не отстапува од своите барања за основањето на македонски културни центри, фолклорни групи, обезбедување на програма на македонски јазик на Државната Албанска телевизија, правична и пропорционална застапеност во Државните институции, стипендии за македонските студенти, достапност на образовниот процес и изучување на македонскиот јазик, како базичен предуслов за унапредување на правата на Македонците во Албанија.

-Нашата политичка и демократска битка за остварување на нашите вековни стремежи за обезбедување на достоинствен живот за Македонците кои живеат надвор од границите на нашата Татковина продолжува, а неделните локални избори во Албанија се еден чекор на долгиот пат преку кој ќе ги оствариме нашите цели, се заклучува во повикот.