Македонското небо доби прва дама пилот на полициски хеликоптер

Можноста да бидам прва девојка-полициски пилот во Македонија за мене беше голема мотивација и уште поголем предизвик успешно да ја завршам обуката. Желбата беше огромна, а успехот бара упорност и посветеност на задачите и работата што се бараат. Ова го изјави Весна Петреска (25) од Кавадарци, дипломиран студент на Факултет за безбедност, која по завршувањето на 18- месечната обука ќе биде првата дама-пилот на полициски хеликоптер во Македонија. Петревска е единствената од пријавените 59 жени кои ја поминаа селекцијата на конкурсот за ангажирање нови полициски пилоти за потребите на Министерството за внатрешни работи. Во Центарот за обука на пилоти во касарната во Петровец од вчера 14 кадети од новата генерација слушатели од родот авијација ја почна 18-месечната обука во согласност со највисоките стандарди за потребите на МВР, пишува Дневник.

Министрите за одбрана и за внатрешни работи, Зоран Јолевски и Гордана Јанкулоска, им посакаа успех и многу часови лет на македонското небо на новите кадети, од кои еден е за потребите на Министерството за одбрана, а 12, меѓу кои и Петреска, за потребите на МВР. Еден од кандидатите е од Црна Гора.

Петревска има завршено Факултет за безбедност и вели дека упорноста и посветеноста биле клучни да ја заврши обуката.

– Желбата беше огромна, а успехот бара упорност и посветеност на задачите и работата што се бараат. Сакам да се заблагодарам за можноста што ни ја дадоа МВР и Тренинг-центарот и да ги охрабрам сите оние што сакаат да бидат пилоти, пред с`, девојките бидејќи нема никакви ограничувања, сите сме еднакви и транспарентни во постапката нема поделби меѓу машки и женски и не се работи само за машка професија – изјави Петреска.

На конкурсот на МВР за прием на нови извршители во хеликоптерската единица биле пријавени вкупно 466 кандидати. Финалната селекција што почна во јануари ја поминаа 29 мажи од вкупно 407 пријавени. На селекцијата во воздух биле повикани вкупно 34 кандидати, а од нив 5 биле жени. Последната селекција ја поминале 14 кандидати.

– Сакам да се заблагодарам на МВР и на целиот персонал на Тренинг-центарот од името на сите што ја поминавме селекцијата. Селекцијата беше тешка и голем број од кандидатите не пројдоа, но тоа е така бидејќи критериумите сепак беа високи. Оваа работа не е секојдневна и бара голема одговорност од сите оние што имаат желба да ја работат. Овде не станува збор само за пилот на хеликоптер, туку за пилот на полициски хеликоптер, кој извршува потешки задачи од останатите пилоти. Имав голема желба ова да го работам и да ~ служам на државата – вели идниот пилот на полициски хеликоптер Адријан Kолиштракоски.

Оваа генерација од МВР е првата која во јануари годинава доби можност да конкурира на јавен оглас за вработување пилоти на полициски хеликоптер.

– Знам дека не беше лесно да се минат седум фази од процесот на елиминација, но сигурна сум дека високопоставените критериуми ќе бидат гаранција за вашиот успех во обуката што следува. Покажаниот интерес ни укажа на три факти. Првин дека угледот на МВР е во нагорна линија, дека желбата да се биде дел од тимот и да се работи одговорна работа како пилот на полициски хеликоптер е голема и дека кога постои јавно објавен конкурс со претходно дефинирани критериуми, довербата на младите е огромна – изјави Јанкулоска.

Министерот Јолевски истакна дека нивна намера е Центарот за обука на пилоти поради современиот пристап на работа да прерасне во еден од најдобрите во Европа и пошироко.

ТРАЕ ИСТРАГАТА ЗА ПАДОТ НА „МИ-17“

Истрагата за падот на полицискиот хеликоптер „ми-17“ во јули годинава во Струмица с` уште не е завршена, но официјални информации до каде е нема. Од Основното јавно обвинителство, кое ја формира комисијата задолжена за истрага на несреќата, не добивме информации до каде е. Според неофицијални информации, експертите завршиле со вештачењата, но не го изготвиле извештајот.

На вчерашната промоција на новите пилоти Јанкулоска уште еднаш им укажа должна почит на четворицата пилоти на МВР кои загинаа во несреќата.

– Во трагичната несреќа згаснаа животите на Драги Мицев, Иљо Лопатички, Марјан Трајковиќ и Тоде Орешков. Тие ги сакаа хеликоптерите, го сакаа летањето и ја сакаа полициската работа. Но пред с` ја сакаа Македонија и никогаш не се двоумеа кога требаше да извршат дури и најсложената задача. За жал, тие нема да можат да ви ги пренесат своите искуства, но илјадниците часови лет и стотиците реализирани спасувачки акции ќе останат како врвен дострел и цел кон која треба да се стреми секој иден припадник на единицата – рече Јанкулоска.