Матка домаќин на Европското првенство во кајак

Европското првенство во кајак слалом за јуниори и сениори до 23 години – Скопје 2014, стартуваше денеска на патеката во спортско-рекреативниот центар Матка. Првенството ќе трае до недела (6 јули), а учество ќе земат околу 400 пријавени кајакари во машка и женска конкуренција од вкупно 28 земји во Европа, меѓу кои и Македонија.

Квалификациските трки на кои ќе продефилираат сите пријавени кајакари, започнаа утрово во 09:00 часот, а се очекува да траат се до 18:00. Атмосферата на и околу една од најдобрите природни патеки во светот беше вжештена, но она што остави впечаток е дека организацијата беше на ниво, како што и доликува на едно вакво натпреварување. Публиката која дојде во значителен број иако е работен ден бараше сенка повеќе со цел да се сокрие од силното сонце, додека гледаа како кајакарите безпоштедно се бореа со брзите води и силните бранови, а се со една цел – пласман во финалните трки кои ќе бидат одржани викендов.

Позначајни кајакари кои се дел од ова Европско првенство се Прскавец (Чешка) – актуелен Европски шампион, Брус Симон (Словенија) – Европски јуниорски првак во 2011 година, Џовани де Џенаро (Италија) третопласиран на ЕП и СП во 2013 год. како и многу други. Спортскиот директор на македонската кајакарска федерација, Атанас Николовски истакна дека натпреварувањето започнало навреме и се одвива во најдобар ред.

Инаку ова е прво европско првенство во кајак на диви води кое се одржува на патеката на Матка по пауза од 10 години, а вкупно второ големо натпреварување годинава по турнирот ИКАС, на кој победник беше токму нашиот најдобар кајакар Атанас Николовски. Да се надеваме дека и покрај силната конкуренција и овојпат ќе имаме наши кајакари на пиедесталот во недела.