Меѓународен ден на жените во дипломатијата, промовирање на еднаквост преку феминистичка надворешна политика

Канцеларијата на Телото на ОН за родова еднаквост и зајакнување на жените – UN Women во Северна Македонија, втора последователна година во партнерство со Министерството за надворешни работи, го одбележа Меѓународниот ден на жените во дипломатијата со панел-дискусија на високо ниво, истакнувајќи ја клучната улога која жените ја имаат во меѓународните односи и дипломатските заложби.

Со одбележувањето на овој ден, ние како UN Women, ја потврдуваме нашата посветеност на родовата еднаквост и ја истакнуваме важноста на инклузивни политики кои го поттикнуваат учеството на жените на сите нивоа во надворешната политика.

Настанот беше пропратен со разнолик панел од амбасадори, кои ги споделија своите искуства и согледувања за тоа како нивните земји поддржуваат родово-инклузивни политики и програми за зајакнување на феминистичката надворешна политика, како и нивните заложби за унапредување на улогата на жените во надворешната политика во Северна Македонија.

„Жените сè уште се во голема мера исклучени од позициите на моќ и дипломатија, на глобално ниво само 20,54% од сите амбасадори се жени. Овој ден е повик да се препознае клучниот придонес на жените и нивната незаменлива улога во дипломатијата, а ние секој ден ќе поддржуваме еднакви можности за сите жени на сите полиња од животот, вклучително и во дипломатијата“, рече Весна Ивановиќ-Кастаред, раководителка на Канцеларијата на UN Women во Северна Македонија.

Заменик-министерката за надворешни работи во заминување, Фатмире Исаки, во своето воведно обраќање истакна дека „мирот владее во духот [на жените] и нивниот интелект гаи топлина. Затоа, наша колективна одговорност е да продолжиме да ги поддржуваме и да ги зајакнуваме жените кои се креаторки на промени ширум светот. Постојано се докажува дека без вклучување на жените не може да се постигне одржлив мир и безбедност“.

Релативно неодамнешен развој во меѓународната политика, „феминистичката надворешна политика“ е резултат на растечкото признавање на родовите прашања. Од развојната политика, родовиот фокус постепено се прошири на човековите права, безбедноста, решавањето конфликти, а сега и надворешната политика.

„За мене е многу логично да учествувам на вашиот настан, како претставник на земја која е многу горда на својата феминистичка дипломатија и многу среќен што сме партнери уште од првиот ден од формирањето на македонската феминистичка дипломатија, на иницијатива на г-ѓа Исаки и со поддршка на UN Women“, изјави Емануел Гардиј, заменик-амбасадорка на Франција во Северна Македонија.

„Родовата еднаквост е добра за жените и мажите и за општеството како целина. Ова важи и за дипломатијата и за сите форми на меѓународна соработка“, истакна Ами Ларсон Џаин, амбасадорка на Шведска во Северна Македонија.

Д-р Теута Агаи-Демјаха, амбасадорка и постојана претставничка во Постојаната мисија на Република Северна Македонија при Обединети Нации, Светската трговска организација и други меѓународни организации во Женева, во својот говор за време на панел дискусијата истакна дека „борбата за правата на жените е во опасност. Жените и девојките не можат сами да се борат. Мажите и момчињата не можат сами да напредуваат. Заедно, да ги скршиме бариерите и да изградиме подобра иднина за сите. Ова им го должиме на генерациите што доаѓаат.”

Амбасадорот на Кралството Шпанија во Северна Македонија, Хозе Луис Лозано Гарсија, ги потсети присутните дека „на официјалната фотографија од потпишувањето на Повелбата на Обединетите нации, во јуни 1945 година, има само една жена“, истовремено истакнувајќи ја потребата од повеќе жени дипломатки во светот.

„Застапеноста е важна. Силниот глас на жените во дипломатијата не е во интерес само на неколкумина, туку на нашите општества како целина. Надворешната политика која не ги зема предвид перспективите на сите членови на општеството нема кредибилитет и останува нецелосна“, изјави Петра Дрекслер, амбасадорка на Сојузна Република Германија во Северна Македонија.

За да се постигне родова еднаквост во надворешната политика во земјата и да се воспостави пристап на „феминистичка надворешна политика“, Владата треба целосно да ги интегрира родовите прашања во институциите за надворешни работи, открива неодамнешната анализа спроведена од Канцеларијата на UN Women во Северна Македонија.

Во 2022 година, Генералното собрание на Обединетите нации го прогласи 24 јуни во секоја наредна година за Меѓународен ден на жената во дипломатијата, потврдувајќи дека учеството на жените, под еднакви услови со мажите, на сите нивоа на одлучување е од суштинско значење за постигнување на одржлив развој, мир и демократија.

Меѓународниот ден на жените во дипломатијата служи како важен потсетник за досегашните постигнувања и за работата која преостанува за да се гарантира дека жените имаат еднакви можности за водство и придонес во полето на дипломатијата.