Македонија

Медијаторот Метју Нимиц денеска во Македонија

Медијаторот Метју Нимиц денеска во Македонија

Посредникот во разговорите за спорот за името, амбасадорот Метју Нимиц, денеска ќе пристигне во Македонија, во рамки на неговата нова рунда разговори со властите во Скопје и Атина.

Според соопштението на ОН, Нимиц ќе престојува во Македонија, денеска и утре, а ќе замине на средби во Атина на 30 и 31 јули.

„Целта на средбите е да се интезивираат разговорите под покровителсто на ОН насочени кон изнаоѓање на взаемно прифатливо решение за спорот за името“, пишува во соопштението на ОН.

Нимиц во Скопје прв пат ќе се сретне со новиот претставник на Македонија во спорот за името и амбасадор во САД, Васко Наумовски, кој е именуван на функцијата со одлука на македонскиот претседател Ѓорѓе Иванов.

Во изјава за програмата „Гласот на народот“ посредникот на ОН во разговорите за спорот за името, минатата недела изјави дека овој пат очекува голем напредок на средбите со државниот врв во Скопје и во Атина.

„Ќе поминам две деноноќија во Скопје и во Атина со државниот врв на двете земји, на кој се надевам на заемно прифатливо решение за спорот околу името“, потенцирал Нимиц, пренесе МИА.

Медијаторот изјави дека очекува и добра соработка со новонаименованиот преговарач за името амбасадорот Наумовски како што имаше и со неговиот претходник Зоран Јолевски.

Шефот на македонската дипломатија Никола Попоски во пресрет на посетата изјави дека нема најава оти медијаторот Нимиц ќе донесе нов предлог. Со иста оценка излегоа и дипломатски извори во Грција, пренесе Катимерини.

Сепак, интересот кој Европа го покажува во последно време за Западен Балкан ги загрижува грчките дипломати кои ја нагласуваат посетата на италијанската министерка за надворешни работи Федерика Могерини како претседавач со ЕУ на Скопје, каде најави конкретни чекори за прашањето за името, но и интервенциите на Меркел во ова прашање, коментира „Катимерини“.