МЕПСО го вклучува новиот интерконективен далновод со Србија

МЕПСО го вклучува новоизградениот 400-киловолтен интерконективен далновод со кој директно се поврзуваат елекропреносните системи на Република Македонија и Република Србија од утре.

Портпаролот на Македонскиот електропреносен систем оператор МЕПСО Никола Стојанов истакна дека новоизградениот високонапонски далновод се простира од трансформаторската станица во Штип до македонско-српската граница поминувајќи низ териториите на општините Штип, Карбинци, Свети Николе, Куманово и Старо Нагоричане.

МЕПСО утре, 17 ноември, го вклучува под напон 400-киловолтниот далновод од Штип до македонско-српската граница и затоа апелираме месното население и земјоделците кои гравитираат околу трасата на далноводот строго да се придржуваат до поставената сигнализација за предупредување од опасност поставена на далноводните столбови. Со оглед на тоа дека се работи за енергетски високонапонски далновод и објект којшто е од јавен интерес потребно е месното население и земјоделците строго да се придржуваат до сигнализацијата за предупредување од опасност поставена на столбовите на далноводот, со цел зачувување на безбедноста на какви било земјоделски работи или градежни активности во близина на далноводот согласно одредбите на Законот за енергетика и технички прописи. Воедно известуваме дека какво било оштетување или кражба на елементи од кои се составени столбовите на далноводот се дела казниви со закон, изјави Стојанов.

Тој истакна дека инвестициската вредност на овој далновод изнесува 11 милиони евра. Тој е петти интерконективен далновод, а од претходно имаме два со Грција и по еден со Србија и Бугарија.