Мицкоски до Заев: Ќе се разбудите од сонот

Кога ќе се разбудите од сонот, тогаш доаѓа реалноста, а реалноста е следната: треба да отидете кај јавниот обвинител и да му кажете од каде она лице на кое му ја продадовте парцелата од хектар ипол во Струмица има 700.000 евра во кеш, и како тоа лице потоа на вашиот брат веднаш ја предаде таа фирма, рече челникот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, во телевизискиот дуелот со премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев.

„Инаку, сево ова е убаво како ние замислуваме дека треба да функционира една држава, затоа ви велам: ќе се разбудите од сонот и тогаш ќе сфатите каква е ралноста. Реалноста е поразителна. Луѓето кукаат. Прошетајте низ пазарите, низ трговските центри, ќе видите празни дуќани, продавачите се жалат дека со денови никој не влегува затоа што луѓето немаат пари да купат, на пазарите скапуваат плодовите“, рече Мицкоски.

Запраша дали тоа е оној живот кој треба да им се донесе на граѓаните во иднина?

„Не се согласувам, напротив, ние треба да донесеме живот во кој граѓаните ќе бидат среќни. Тоа е сонот на мојата генерација, но за жал вие не успевате во тоа, но ВМРО-ДПМНЕ ќе го исполни тој сон, ако не на нашата тогаш на некоја друга генерација којашто доаѓа. Разбудете се, тоа е реалноста“, подвлече Мицкоски.

Мицкоски го запраша премиерот Заев дали му е удобно кога се вози во „мерцедесот“, на што Заев одговор дека никогаш не се возел во ова луксузно возило кое го набави поранешниот премиер Никола Груевски.

Ова прашање се надоврза на темата во врска со пресудите за него и за Груевски, при што Заев рече дека главни во постапките се доказите.

„Судиите мора да внимаваат, но разликата денес е голема. Денес има отворена судска постапка и верувам дека Македонија заслужува да добие отворена судска постапка. Богови во постапките се доказите, и од тоа дали ги има или не, нема зависи одлуката. Денес отворено се зборува за се. Не е сјајно и нема кадровски промени се уште и реформите прво треба да ги направиме во својата глава, а и ние политичарите. Постапката и против мене и против Груевски ја следеше целата јавност. Македонското правосудство е на добар пат за да дели правда”, рече Заев.

На ова Мицкоски иронично одговори дека тој и Заев не се во иста ситуација.

„Ние сме во нерамноправна ситуација со премиерот, тој е трипати помилуван досега, првиот пат за ‘Глобал’, па за ‘Пуч’, па сега за ‘Поткуп’. И снимките кои ги вети Заев не беа пуштени во јавноста, а беа ветени. Сега имаме премиер на држава кој ги погодува пресудите и кажува дале ќе биде ослободен или не. Нас ни фали незавинстост на судиите“,  реплицираше Мицкоски на Заев и му порача дека требало да дозволи да биде осуден, за граѓаните да имаат доверба во судството.