Милошоски: СДСМ дека нема да успеат со монтирани телефонски разговори да ја уништат Македонија

Антонио Милошоски од народниот собир на ВМРО-ДПМНЕ во Битола испрати порака до СДСМ дека нема да успеат со креирани и монтирани телефонски разговори, потпомогнати од странски служби, да ја уништат Македонија.

Милошоски рече дека масовноста на народниот собир во Битола само е уште една потврда за големата поддршка која ја има ВМРО-ДПМНЕ од граѓаните. Тој потенцираше дека оној што се обидува да го разедини македонскиот народ, уште повеќе го сплотил.

-Ова што ни се случува денес, овој народ, оваа поддршка праќа една порака. Тие што сакаа да не разделат, тие не сплотија. Тие што сакаа да не скараат, тие не зближија. ВМРО-ДПМНЕ е обединета партија, Македонија е стабилна држава. ВМРО-ДПМНЕ ја предводи оваа држава затоа што ја има стабилната поддршка од македонскиот народ, вели Милошоски.

Тој потенцираше дека двоецот Заев и Шекеринска 45 дена се обидува да ја дестабилизираат Македонија, да испратат омраза, да ги деградираат инситуциите, да создадат конфликт, да создадат раздор. Сепак, како што самиот изјави, уште 145 дена да продолжат, нема да успеат да го постигнат тоа.

Причината поради која нема да успеат да ја дестабилизираат Македонија е едноставна, затоа што работат за туѓи интереси, затоа што тие припаѓаат на политичари кои мислат дека народот е во право и кога греши, а ВМРО-ДПМНЕ припаѓа на онаа друга група на политичари кои знаат дека народот никогаш не греши.

Милошоски рече дека разликата помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ е во целта, разликата е во работата.

-Целта на ВМРО-ДПМНЕ е да донесе што повеќе странски инвестиции во Република Македонија, а целта на Заев и Шеќеринска е да донесат што повеќе странски разузнавачи во Македонија, вели Милошоски.

Како што самиот потенцираше, ВМРО-ДПМНЕ ги знае реалните проблеми на луѓето, затоа се прават реални проекти, за нови инвестиции, нови вработувања, нови автопати, нови проекти за студентите и пензионерите.

Милошоски воедно им порача на Заев и Шекеринска да се вратат во собранието на Република Македонија и таму да бараат сите решенија. Милошоски од Битола порача дека Македонија ќе ја издржи и оваа бура, бидејќи има силни институции и силен народ. Како што самиот порача државата ќе продолжи да функционира, ќе продолжи да функционира образованието, здравството, ќе продолжат проектите за студентите и пензионерите без разлика што некој сака да го спречи тоа. Концептот на ВМРО-ДПМНЕ е силна и стабилна Македонија.