Министерот Попоски во посета на Албанија

Министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Попоски денеска престојува во посета на Република Албанија, на покана на својот албански колега, Дитмир Бушати.

Во разговорите беа потврдени добрите билатерални односи меѓу Република Македонија и Република Албанија. Заеднички беше констатирано дека двете земји споделуваат исти интереси на надворешно-политички план во однос на Европската и регионалната соработка.

Заеднички се согласија дека политичката соработка е на одлично ниво и би сакале истото, со еднаков интензитет, да се пренесе и на економски план.  Притоа беше констатирано тоа да се оствари преку реализација на конкретни проекти во инфраструктурното поврзување, патната и железничката мрежа и енергетиката. Тоа ќе стимулира трговска размена и зголемен интерес за инвестиции. Конкретни решенија во оваа насока се комплетирањето на Коридорот 8 и 24-часовно отворање на преминот Џепиште- Требиште.

Во тој контекст,  министерот Попоски го покани својот колега на одржување заедничка седница на владите на двете земји во првата половина на 2015 година, при што беше договорено да се отпочне со подготовки на ниво на политички директори и поставување на временска рамка за одржување.

Министерот  Попоски се сретна и со претседателот на комисијата за надворешни работи во Собранието на Република Албанија, Арта Даде, при што беше разговарано за продлабочување на парламентарната соработка помеѓу двете земји.

Во текот на денот МНР Попоски ке оствари средби  со Претседателот на Република Албанија Бујар Нишани  и Премиерот на Република Албанија, Еди Рама.