Мирни празници за дежурните медицински тимови

Невообичаено мирно минале празниците за дежурните медицински тимови. Во брза помош за првомајските празници имале деведест интервенции, мал дел биле итни и ургентни повици. Регистрирана е само една сообраќајна несреќа. Лекарите велат, граѓаните биле дисциплинирани зад воланот, но и на празничната трпеза.

-Се очекуваше да имаме повеќе интервенции, како во минатите години, поради злоупотребата на алкохолот, возење под дејство на алкохол, а последиците се тешки сообраќајни несреќи, со тешки повреди. Оваа година имавме регистрирано само една сообраќајна несреќа за 1 мај, што е добро, истакна д-р Василаки Карабашев – Брза помош.

Ниту на токсикологија немало граѓани кои побарале лекарска помош поради алкохолно труење или прекумерно количество храна за празниците. Докторите интервенирале само кај заболувања од други ургентни состојби.

-Ноќта мина мирно, особено во делот со труење од алкохол, компликации од прејадување по постењето, па и првомајската скара и се што беше вклучено во духот на празникот од вчера. Да се надеваме дека празникот ќе заврши во духот на христијанската религија и во умереноста од консумирање  се што би го преоптоварило нашиот организам, вели д-р Жанина Переска- Клиника за токсикологија.

Лекарите велат дека граѓаните сепак извлекле поуки како да се однесуваат на празничната трпеза.