Свет

Мнозинството жители на осум од главните земји во НАТО се против вооружување на Украина

Мнозинството жители на осум од главните земји во НАТО се против вооружување на Украина

Мнозинството жители на осум од главните земји во НАТО се против достава на оружје на Украина за борба против проруските сепаратисти, иако сметаат дека Москва носи главна одговорност за конфликтот во Источна Украина, покажува најново истражување на јавното мислење, објави МИА.

Според резултатите на истражувањето на американскиот институт Пју, мнозинството испитаници во Франција, Германија и Италија, исто така, сметаат дека НАТО треба да употреби воена сила, само ако Русија нападне земја членка на Алијансата, пренесува БТА.

– Јавноста во главните држави од НАТО ја обвинува Русија за конфликтот во Украина. Мнозинството, исто така, веруваат дека Русија е воена закана за соседните држави. Сепак, малку испитаници поддржуваат достава на оружје на Украина, заклучува институтот Пју.

Според резултатите, само 41 процент од анкетираните во осум земји од НАТО, односно во САД, Канада, Италија, Франција, Велика Британија, Германија, Шпанија и Полска ја поддржуваат идејата НАТО да достави оружје на војската на Киев. Затоа пак, 70 проценти од граѓаните на тие осум држави поддржуваат Западот да даде економска помош за Украина.

По држави, 50 проценти од Полјаците се за испраќање на вооружување на Киев. Такво мислење имаат само 19 проценти од Германците и 22 отсто од Италијанците. Во Франција 40 проценти се согласни НАТО да го вооружува Киев, како и 46 проценти од Американците.

Според резултатите од истражувањето на Пју, 57 отсто од испитаниците од НАТО земјите поддржуваат приклучување на Украина во Алијансата. Половина од анкетираните поддржуваат и идно членство на Киев во ЕУ.

– Земјите од НАТО се колебаат околу можноста за ескалација на нивното мешање, особено воено во конфликтот. Многу од сојузниците се склони да се повикаат на Член 5 од Уставот на НАТО, кој бара земјите членки да заштитат друг член на Алијансата, доколку е неопходно со употреба на воена сила, ако биде нападнат од Русија, наведува Институтот Пју, нагласувајќи дека 48 проценти се за, а 42 отсто против таква можност.

Најголема поддршка за повикување на Член 5 има во САД – 56 отсто, а најниска во Германија – 38 проценти. Во Франција против тоа се 53 проценти од анкетираните, а во Италија – 51 отсто.

Истражувањето е извршени од 6 април до 15 мај на 1.000 полнолетни граѓани во секоја земја. Статистичката грешка изнесува 3,4 до 4,1 процент. Во Италија и Полска анкетите се спроведувани во живо, додека во останатите шест по телефон.