МОН: Воведувањето на пилот проект на државниот испит е добар предлог

Министерството за образование и наука позитивно ја оценува досегашната јавна дебата и дискусија која се реализира со цел да се унапреди и надгради предложениот пакет реформи за подигнување на квалитетот на севкупниот образовен систем во Република Македонија.

Во таа насока, Министерството за образование и наука смета дека денешниот предлог понуден од страна на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, за спроведување на пилот проект за државниот испит, пред неговото официјално воведување е конструктивен и добар предлог, којшто позитивно го оценуваме и поддржуваме.

Изразувајќи почит кон Универзитетот “Св. Кирил и Методиј“ – Скопје и другите универзитети, Министерството за образование и наука останува отворено за секоја аргументирана иницијатива и предлог реформа која значи понатамошно унапредување на квалитетот на образованието во Република Македонија.

Потсетуваме дека во изминатиот тримесечен период, прифатени и инкорпорирани се повеќе од 20 предлози кои беа понудени од високо образовните установи, професорите и студентите, како и од останатите општествени чинители.