МТЦ: Жерновски да ги засука ракавите и да почне да го реализира ветеното

Жерновски да ги засука ракавите и да отпочне со реализација на ветеното пред сопствените сограѓани, наместо да губи време со евтини писмени соопштенија, лиферувани од неговиот кабинет, Министертвото за транспорт и врски реагира на неточните и паушални тврдења наведени во соопштението на општина Центар.

Во продолжение следува интегрален текст од демантот на министерството:

Во ниту еден посочен случај не станува збор за присвојување на градежно земјиште на територијата на општина Центар од страна на Министерството за транспорт и врски.

Во изминатиот период, Владата на Република Македонија преку Министерството за транспорт и врски направи конкретни законски измени и овозможи максимално транспаретни постапки за располагање со градежното земјиште и термините „присвојување”, „узурпирање” и „продажба во четири очи” на градежно земјиште, кои беа главна карактеристика за една поранешна владеачка гарнитура, веќе се минато.

Претходните изјави на градоначалникот Жерновски, како и денешното писмено соопштение на општина Центар единствено можеме да ги оквалификуваме како груби лаги и шпекулации насочени кон замајување на целокупната македонска јавност, а особено жителите на општина Центар, кои постојано од градоначалникот бараат реализација на ветените проекти, кои сеуште не се остварени.

Му порачуваме на градоначалникот Жерновски да ги засука ракавите и да отпочне со реализација на ветеното пред сопствените сограѓани, наместо да губи време со евтини писмени соопштенија, лиферувани од неговиот кабинет.

Владата на Република Македонија, како во изминатиот период, така и во иднина ќе продолжи да работи максимално транспарентно, во интерес на граѓаните, а согласно позитивните законски прописи, со цел реализација на што поголем број на проекти.

За крај, го покануваме градоначалникот на општина Центар, со неговиот кабинет, да ги посети посочените локации и во присуство на медиумите и да докаже дека истите се присвоени или узурпирани од страна на Владата на Република Македонија или Министерството за транспорт и врски.