Во првите 100 дена од работњето на Владата, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, реализираше и започна голем број на проекти, информираше денес, ресорниот министер Михаил Цветков.
-Покрај секојдневната комуникација со земјоделците и нивните здруженија, Министерството успешно го заврши аплицирањето за субвенции каде што беа поднесени 74 илјади барања, а дел од нив веќе се исплатени. Од оваа година земјоделците ги добиваат субвенциите по однапред дефиниран „Календар за субвениции“, со кој точно е определена динамиката на аплицирање и на исплата на субвенциите која е усогласена според потребите на земјоделците. Досега според овој Календар се исплатени тутунарите, а во периодот септември-октомври следи исплатата за полјоделските култури, истакна Цветков.
Од програмата за рурален развој резлизирани се 14 проекти за исградба на локална патна инфраструктура и инвестиции во водоснабдителни и канализациски системи, 10 проекти за подобрување на квалитетот на живот во рурални средини и 6 проекти за унапредување на традиционалните вредности во руралните подрачја.
-Во овој период ја започнавме реформата за подобрено управување во водостопанството. Владата формира работна група за анализа и подготовка на акти за формирање на „Акционерско друштво во државна сопственост- Водостопанство на Република Македонија“. Во тек се јавни расправи и се очекува до крајот на октомври 2014 година, предлог-законот за АД Водостопанство на Република Македонија да биде поднесен до Владата. Во подготовка е дефинирањето на планот за инвестирање во водостопанската инфраструктура во период 2015-2025 година. Во него е предвидено да се вложуваат по 20 милиони евра секоја година, со што ќе се овозможи зголемување на наводнуваните површини на долг рок за нови скоро 25.000 хектари, додаде министерот Цветков.